Се подготвува манчестерска “војна“ околу играч за врска!


    До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст ↓↓↓


    Фудбалските гиганти од Манчестер, ќе се борат за потпис на еден од најдобрите играчи за врска на светот.

    Ако мислевте дека манчестерските ривали, Јунајтед и Сити, решија да „одморат“ со скапи купувања, сте се излажале.

    Имено, како што шпански „Мундо Депортиво“ пренесува, се подготува „војна“ меѓу Гвардиола и Мурињо околу потписот на германскиот играч за врска од редовите на Реал Мадрид Тони Крос!

    Двајцата тренери го гледаат Крос како идеален играч за своите клубови. Гвардиола за разлика од Мурињо имаше шанса и да соработува со одличниот Германец, но многу кратко, бидејќи по доаѓањето на Шпанецот во Минхен, Крос тргна по пат кон претстолнината.

    Не е познато дека Гвардиола имаше влијание на неговото заминување, но ако се верува на шпанските медиуми, тешко е дека шпанскиот стратег своеволно се откажа од фудбалерот кој две години подоцна го сака во својот нов тим.

    Сепак, колку Мурињо и Пеп да мечтаат за Крос во својата екипа, Реал е тој кој се прашува. Тие имаат забрана за трансфери се до јануари 2018 година, па така тешко е да се поверува дека до тогаш ќе се откажат од услугите на еден од најдобрите играчи во своите редови.

    Крос има и договор со Реал до 2020 година, а управата на Кралскиот клуб работи и на составување на нов, со што Германецот ќе се задржи уште долго на Бернабе.

    Но, сите знаеме колкава платежна моќ имаат и Јунајтед и Сити, ретко кој веруваше дека Ѓаволите ќе успеат да го придобијат Јувентус да го пушти Погба, па тоа на крајот сепак се случи, и не треба да се отпише можноста Крос да заигра во Премиер лигата.

    На крајот на краевите, никој не веруваше дека изданокот од школата на Баерн некогаш ќе замине од Минхен, но повикот од Реал тоа сепак го промени.