Треневски: Ова е период на трансформација на Работнички

Тимот на Работнички со реми против Ренова ја започна новата сезона во Првата Македонска фудбалска лига.

Тимот од Дебар Маало го напуштија неколку стандардни првотимци од минатата сезона меѓу кои и носителите на играта Шиков, Силјановски, Елмас и Ивановски. Како нивна замена се донесени неколку фудбалери, а шефот на стручниот штаб на Работнички, Виктор Треневски смета дека ова е период на трансформација и набрзо ќе почне да ја прикажува посакуваната игра.

„Ова е период во кој Работнички се трансформира. Не е ова непознато за клубот, речиси секоја година има вакви промени. Но, заминаа навистина клучни фудбалери од минатата сезона и сега треба коцките да се наместат, дел од фудбалерите да преземат нова одговорност и да почнеме да функционираме според моите замисли. Од друга страна, одигравме солиден меч против Ренова на почетокот од шампионатот, дуелите со овој ривал секогаш се тесни и традицијата продолжи. Сега не очекува ново искушение во Битола, против Пелистер кој исто така има нов стратег, што секогаш носи и нова енергија во тимот“- истакна Виктор Треневски.

Работнички во второто коло му гостува на битолски Пелистер,а Треневски очекува возбудлив натпревар против пелистерци.