Швајнштајгер доби примамлива понуда од нисколигаш од Германија


До кога ќе дишеме отровен воздух!? | Уште еден поткаст ↓↓↓


Искусниот германски фудбалер Бастијан Швајнштајгер влегува во самата завршница на својата богата кариера, а во моментов е без клуб откако му заврши договорот со тимот на Чикаго Фајрд.

На адреса на Швајни пристигнуваат бројни понуди, а една која пристигна во последните денови го обиколи целиот свет. Истата беше испратена до официјалниот фејсбук профил на фудбалерот од страна на Саша Гербер, претставник на германскиот нисколигаш Буна од Хале.

Гербер на популарниот фудбалер му напиша: „Драг Бастијан, штотуку дознавме дека во моментов немаш клуб. Има многу шпекулации за тоа каде ќе ја продолжиш кариерата, но ние сакаме да те привлечеме да ни се приклучиш во Буна.

Овде ќе бидеш целосно мирен, ќе ти ги обезбедиме сите најдобри услови, а секако ќе најдеме место и за твојата сопруга Ана Ивановиќ во локалниот тениски клуб. Исто така можеме да ти обезбедиме и посебна учителка за вашето дете во градинката.

 Не сме баш тим за Лигата на шампионите, патот е тежок, но со тебе се е возможно. Нашите играчи се твои големи фанови и би сакале да играат заедно со тебе.

Имаме посебна понуда за тебе. По натпреварите и тренинзите батериите ќе може да ги наполниш со 20 различни видови пиво. Набрзо ќе го засакаш овој град, а тука има и фабрика за чоколади.

Не би требало да имаме проблем и со производителите на дресови, твојот спонзор Адидас не снабдува со дресови веќе долго време.

На крајот, би можеле да го наречеме и стадионот по тебе. Чекаме да се јавиш.“

Оваа понуда ја насмеа целата фудбалска јавност и го обиколи фудбалскиот свет. Од фудбалскиот клуб Буна од Хале истакнаа дека се изненадени колку брзо се проширила една обична објава на фејсбук низ светските медиуми.

Кога сериозно би ја разгледале ситуацијата околу Швајнштајгер, тој веројатно ќе остане уште една сезона во МЛС Лигата во дресот на Чикаго откако е многу блиску до договор за продолжување на соработката со овој тим.