Ѓорге Џеков за првпат е дел од сениорската репрезентација на Македонија и со голема мотивација го очекува саботниот дуел со Швајцарија. Младиот фудбалер во изјава за ФФМ порача дека клучни ќе бидат дефанзивата, агресивноста и пристапот во играта.
Македонската А репрезентација во сабота, 26 септември, на Националната арена „Тодор Проески“ го отвора новиот циклус во Лига Б од Лигата на нации. По дуелот во Скопје следува гостувањето кај Словенија на 29 септември, домашниот натпревар со Шкотска на 3 октомври и вториот меч против Швајцарија на 6 октомври во Луцерн.
„Чест и задоволство ми е што првпат сум дел од нашата А репрезентација. Знаеме со каков противник ќе се соочиме во сабота. Швајцарија е одлична репрезентација, четвртфиналист на Светското првенство, со многу квалитетни играчи“, изјави Џеков.
Младиот репрезентативец очекува тежок натпревар, но верува дека со максимален ангажман и дисциплинирана игра може да се стигне до позитивен резултат.
„На нас е да ги исполниме очекувањата на стручниот штаб и да го дадеме максимумот на теренот. Според мене, клучни ќе бидат дефанзивата, агресивноста и пристапот во играта, за да оствариме позитивен резултат против Швајцарија, но и против останатите селекции“, додаде репрезентативецот.
Првиот предизвик е веќе во сабота во Скопје, каде Македонија ќе има можност со добар резултат да го започне настапот во новиот циклус. За Џеков овој период има посебно значење бидејќи е негово дебитантско повикување во сениорскиот тим на селекторот Гоце Седлоски.
Фокусот на целиот камп е насочен кон Швајцарија, а пораката од новодојдениот репрезентативец е јасна - без компромис во одбраната и со агресивен пристап од првата минута.
















