Македонскиот тренер Горан Кузманоски има одличен почеток на сезоната со кипарскиот Строволос. Неговата екипа го доби дербито од петтото коло во кипарското првенство против Парнасос со 33-27 и остана без пораз, објави Кипарската новинска агенција.
Строволос сега има седум бода, а Парнасос, кој пред ова коло имаше само победи, ги загуби првите бодови во сезоната.
Ова е трета последователна победа за тимот на Кузманоски. Најефикасни во екипата на македонскиот стратег беа Дарио Рагуж и Адел Растодер, кои постигнаа по девет гола, пишува Политис.
Строволос е новајлија во кипарската елита, но уште во првото коло покажа дека може да биде конкурентен, кога ремизираше со шампионот Анортозис. Во третото коло ја совлада другата новајлија, Аполон од Лимасол, со убедливи 43-26, наведува Сајпрус хендбол њуз.
На тој натпревар тимот на Кузманоски на крајот од првото полувреме имаше предност од шест гола, а во второто полувреме продолжи да ја зголемува разликата, бидејќи гостите постепено остануваа без сили. Најефикасен беше Христос Тартиос со осум гола, Рагуж додаде седум, а Попович и Чичикало по шест.
По поразот, Парнасос остана со шест бода, колку што има и Омонија 29 Маиу. Таа во истото коло приреди изненадување и на гостувањето го совлада Анортозис со 29-25. Шампионот го доживеа првиот пораз во сезоната.
Анортозис на полувремето водеше со 16-13, но Омонија одигра одлично во второто полувреме. Најефикасен кај победникот беше Статис Кесидис со осум гола.
По четири одиграни натпревари, екипата на Кузманоски има три победи и едно реми, без ниту еден пораз.
















