Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Вториот македонски тим што ќе заигра во АБА-лигата, екипата на Карпош Соколи, продолжи со засилувањата за новата сезона, откако нови членови на клубот станаа двајца Американци – Ламонт Мек (29 год., 201 см) и Кендрик Пери (23 год., 183 см.).
Мек игра на позицијата силно крило, а негов последен клуб бил францускиот прволигаш Ле Авр, каде што дошол по неколкумесечен престој во романскиот тим Ровинари. Станува збор за искусен кошаркар, кој важи за кошгетер и кој на македонската кошаркарска јавност е познат со настапот во бугарски Лукоил во сезоната 2011-2012. Мек има играно уште и за екипи како АЕК, италијански Скаволини и шпански Ваљадолид.
Пери, пак, е бек-шутер, со едногодишно европски искуство во дресот на унгарскиот прволигаш Корменд. Зад себе има настап за НБА-екипата Орландо меџик во Летната лига во 2014 година, а потоа мина една сезона во дресот на австралискиот тим Сиднеј кингс, каде што имал просек од 10,4 поени и 3,6 скока.
Со двајцата Американци, тренерот Синиша Матиќ осетно го засилува ростерот за новата сезона, во која „соколите“ освен во АБА-лигата ќе играат и во Балканската лига (БИБЛ), поради што ќе го прескокнат првиот дел од домашното првенство. Претходно, карпошовци ги ангажираа Србите Драган Лабовиќ, Драган Зековиќ и Урош Дувњак.
Карпош Соколи досега одигра еден контролен меч и тоа бугарски Рилски спортист во кој беше поразен, а шансата за прв триумф ќе ја има утре кога во „Борис Трајковски“ ќе биде пречекан Фени индустри (17 часот).