АО: Патот до финалето во Мелбурн на легендарниот Роџер Федерер!


Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓


Патот до финалето на легендарниот Роџер Федерер не беше ниту малку лесен.

И покрај тоа што беше поставен како 17-ти носител на турнирот и многу брзо му го предвидуваа крајот затоа што минатата година не играше неколку месеци, па сите мислеа дека тој ја има изгубена формата и жарот кон тенисот, сепак сите се излажаа.

Тенисерот кој има 17 Грен Слем титули и на своите 35 години докажа дека е класа и покажа дека сеуште може да игра како во неговите најдобри денови.

Патот кон финалето во Мелбурн, тој го започна со натпреварот против Јирген Мелцер кој влезе во главниот ждреб како квалификант.

И покрај тоа што беше голем аутсајдер, сепак тој не беше воопшто наивен.

Федерер одлично го отвори натпреварот со 7:5, но потоа Мелцер го возврати ударот со 6:3. Но фаворитот беше немилосрден во продолжението, па со два пати по 6:2 успеа да стигне до 3:1 во сетови.

Следен противник во 1/32-финале на Роџер Федерер му беше Ное Рубин. Повторно противникот беше аутсајдер, но тоа и се очекуваше.

Федерер ја заврши работата со 3:0 во сетови, односно 7:5, 6:3 и 7:6 за 2 часа и 5 минути.

Дојде и натпреварот од 1/16-финале, а таму разбирливо следуваше потежок и подобар противник, барем според АТП листата.

Иако се очекуваше поголема битка од страна на тенисерот од Чешка, поточно Томаш Бердих, сепак Роџер Федерер експресно со 3:0 во сетови, односно 6:2, 6:4 и 6:4 за 1 час и 32 минути успеа да се пласира во 1/8-финалето каде што го очекуваше дуел со Кеи Нишикори.

Кеи Нишикори беше 5-ти носител на турнирот и фаворит според АТП листата против „бавниот“ Федерер. Натпреварот започна со израмнета игра, а Нишикори успеа да го освои првиот сет со 7:6. Потоа Федерер за нијанса ја подобри и на крајот стигна до победа по возбудлив натпревар со 3:2 во сетови, односно 6:7, 6:4, 6:1, 4:6 и 6:3 за 3 часа и 27 минути.

Следуваше натпревар од ¼-финалето, а всушност тука и експертите прогнозираа дека Федерер ќе го заврши своето учество на Австралијан Опен, бидејќи требаше да игра против Енди Мареј.

Но натпревар против Енди Мареј немаше затоа што Миша Зверев сензационално го елиминираше во претходното коло и сега му се спротистави на Федерер.

Немаше многу дилеми кој ќе биде победник во овој натпревар, бидејќи никој не веруваше дека Зверев може да направи уште една сензација и да го елиминира Федерер.

Швајцарецот ја заврши работата со 3:0 во сетови, односно 6:1, 7:5 и 6:2 за 1 час и 34 минути и така успеа да стигне до ½-финалето.

Дојде и натпреварот од ½-финалето. Битка помеѓу два врвни тенисери од Швајцарија.

Станислав Вавринка застана на патот на Роџер Федерер. Само еден натпревар го делеше од финале во Мелбурн.

Натпреварот против 4-от носител на турнирот започна и подобро од очекуваното. Федерер успеа да ги освои првите 2 сетови и сите помислија дека тука е крајот за Вавринка, дека ова ќе биде многу лесен натпревар.

Вавринка се разбуди и заигра многу подобро во продолжението, а Федерер изгледаше малку уморно, односно повеќе изгледаше како да се одмора и чека да го зададе последниот удар. Вавринка успеа да ги освои наредните 2 сетови, но едноставно немаше сила за да му се спротистави на брилијантниот Федерер во 5-от сет.

Роџер Федерер успеа со 3:2 во сетови, односно 7:5, 6:3, 1:6, 4:6 и 6:3 за 3 часа и 8 минути да стигне до победа против Вавринка и да се пласира во големото финале во Мелбурн.

Роџер Федерер во финалето ќе игра против подобриот од натпреварот помеѓу Рафаел Надал и Григор Димитров.

Сите потајно посакуваме во финалето да се сретнат старите ривали Федерер и Надал, но Рафа ќе има тешка задача против Григор кој игра маестрално во последниов период.

Доколку се случи да победи Надал, финалето ќе биде класика за сите љубители на тенисот, како за помладите навивачи, така и за постарите.

Ако Надал помине понатаму, тогаш Федерер и тој ќе се сретнат по 35 пат, а во претходните дуели поуспешен беше Надал кој го победи 23 пати Федерер, а Швајцарецот успеа да го победи само 11 пати тенисерот од Шпанија, но прво мора да го почекаме натпреварот помеѓу Надал и Димитров.

Исто така, важно е да кажеме дека Федерер на Австралијан Опен успеа да триумфира 4 пати. Прв пат тоа му успеа во 2004 година против Марат Сафин со 3:0 во сетови, па потоа направи мини серија во 2006 и 2007, кога успеа да ги победи Багдатис во 2006 со 3:1 во сетови и Гонзалес во 2007 со 3:0 во сетови.

Последен пат да го освои Австралијан Опен му успеа во 2010 година кога го победи Енди Мареј со 3:0 во сетови.

Натпреварот во финалето му е јубилеен 100-ти натпревар на Австралијан Опен, а ќе има можност да го прослави јубилејот на начин на кој и доликува на една легенда во тенисот со 5-та титула во Мелбурн.