Вардар го претстави Џамбул Џигаури


Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓


Грузискиот 24-годишен фудбалер Џамбул Џигаури е нов член во составот на Вардар.

Тој денеска го официјализираше договорот со „црвено-црните“ кој е во траење од една година, со можност истиот да се продолжи на уште две години. Ангажманот на Џигаури треба дополнително да ја зголеми конкуренцијата на крилните позиции, со оглед дека негова главна позиција е десно крило, но може да игра и на спротивната страна. Џигаури е второ зимско засилување после Бесир Демири кој што прв го стави потписот со нашиот тим.

„Прв пат сум во Македонија и моите први впечатоци за клубот Вардар и за градот Скопје се позитивни. Се чувствувам супер. Знам се за Вардар, ја знам ситуацијата со клубот, а и слушнав само добри работи. Се гледа клубот е организиран, има добри луѓе, се гледа дека имаат доверба во мене и многу ми е драго што сум дел од овој тим. Ветувам дека ќе дадам максимум за успеси на клубот. Знам дека екипата е на првото место и јас ќе давам се од себе на секој меч таму да остане, и сите заедно да придонесеме за успеси.  Една од многуте причини поради кои дојдов тука е тоа што Вардар има големи амбиции и чекори напред. Ваква амбициозна екипа оди на секој меч на победа без разлика дали станува збор за првенство, Куп или Европа. Посакувам еден ден со Вардар да играм во групната фаза од Лигата на шампионите“, изјави Џигаури.

Џигаури до декември 2016 година настапуваше во Динамо Тбилиси, тим со кој освои две шампионски титули во Грузија, три Купа и еден Супер-Куп. Играше и во таборот на Чикура како позајмен фудбалер во сезоната 2013-2014 и од јули до декември 2014 година кога се врати во составот на Динамо. Во изминатата полусезона на 11 меча постигна два гола. Играше и во квалификациите во Лигата на шампионите минатото лето каде што постигна еден гол во четири меча. Има искуство со играње и во Лигата на Европа каде што настапил на 18 меча и бил стрелец на два гола. Од минатата година стана и репрезентативец на Грузија за која одигра два меча. Во минатото беше дел и од младата грузиска селекција за која одигра 12 меча и постигна три гола. Џигаури ќе биде првиот играч од Грузија во историјата на Вардар.