КОЛУМНА: Околу Нејмар и пошироко (Анализа на трансферот на Нејмар во ПСЖ)


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Трансферот на Нејмар во ПСЖ ме натера да размислувам. Не само за причините поради кои си оди од Барселона, туку и на импактот кој овој трансфер ќе го има над трансфер-пазарот годинава и во иднина.

 

Најпрво, за причините.

Главната причина сметам дека е тоа што Нејмар сака да избега од сенката на Лионел Меси. Колку и да е тој самиот одличен фудбалер, додека беше во Барселона сите заслуги се припишуваа на Меси. Е сега, не дека Меси не беше најзаслужен за трофеите на Барселона, така е веќе скоро десет години. Но Нејмар бара игра/тим кој ќе се базира околу него, тим во кој тој ќе биде јадрото и сите останати играчи ќе играат со Нејмар и за Нејмар. Додатна мотивација е и освојувањето на трофеи како играч број 1 во тимот. Ако ја освои Лигата на Шампионите еднаш во наредните 3-4 години, зарем ќе смее некој да му забележи за трансферот? Од негова гледна точка, тешко е да му се замери за ова. Кој не би сакал да има “свој” тим?

 

Причина број два: ПАРИТЕ.

Финансискиот аспект на трансферот не смее да биде заборавен. Нејмар во ПСЖ ќе заработува скоро четирипати повеќе отколку што заработуваше во Барселона. И како дополнителна предност, нема да биде под будното око на даночните инспектори кои овие неколку години “косеа” низ Ла Лига. Ако Барселона не беше спремна да понуди побогат договор, ПСЖ беше спремен да му го препише Париз ако тој тоа го побараше.

А пак ако гледаме и од страната на ПСЖ, ниту нив не смееме да ги обвиниме. Впрочем, Манчестер Сити потроши 170 милиони фунти на Менди, Вокер, Бернардо Силва и Едерсон а за истите тие пари ПСЖ го добива Нејмар! Во скоро сите спортови (освен можеби во американскиот фудбал) квалитетот е поважен од квантитетот. И ете, на хартија Сити се засили со четворица фудбалери за истата сума за која ПСЖ се засили со еден фудбалер. Ама тој еден фудбалер е Нејмар. Тука е разликата.

 

Причина број три, воедно и најбитна: наследството.

Нејмар има аспирации да биде глобална супер-ѕвезда. Не, не зборувам за фудбалска супер-ѕвезда туку за глобална супер-ѕвезда на која спортот не и е граница, туку отскочна даска. Еве, ќе направам неколку примери за да сфатите на што мислам. Расел Вестбрук, Трејси МекГрејди и Чарлс Баркли се кошаркарски ѕвезди ама Леброн, Коби и Џордан се глобални супер-ѕвезди. Дури не морам ниту да им го кажам целосното име и презиме за да знаете за кого станува збор. Истото е и со актерите. Том Харди е актерска ѕвезда, но Леонардо ДиКаприо е глобална супер-ѕвезда која е препознатлива насекаде. Епа Нејмар пробува да го достигне тоа ниво, нивото на супер-ѕвезда која ќе биде крал на својот тим. А тоа не може да го постигне додека е во истиот тим со Меси. Со преминувањето во ПСЖ, Нејмар освојува нов пазар. Сега не само што е најголема ѕвезда во Бразил туку е и најголема ѕвезда во Франција. Запамтете, има само 25 години!

Нејмар пробува да го изгради она што досега им успеа само на двајца фудбалери, иако дискутабилно е колку е тоа успешно и кај нив. Пеле и Бекам се единствените двајца фудбалери кои имаат свој бренд откако ја завршија кариерата. Нив не им требаат пари од играње фудбал, не им треба публицитет од новинари кои им поставуваат прашања на прес-конференција откако ќе заврши натпреварот. Тие го достигнаа нивото на икони и нивното наследство е осигурано. Епа Нејмар цели кон тоа. Не само обезбедување на финансискиот статус по крај на кариерата, туку и обезбедување на статус на позната личност, некој кон кого најпрво ќе се вртат камерите кога ќе стапне во НБА сала, кога ќе се појави на црвениот тепих на Оскарите, кога ќе биде дел од гала-вечерта на ФИФА. Тој пробува да биде еквивалент на Џордан, на ДиКаприо, на Спилберг. И засега му оди одлично. Го прошири пазарот и веќе станува препознатлив во САД, во Европа е веќе ѕвезда низ фудбалските кругови, во Јужна Америка е идол на многу млади луѓе. Повторно ќе кажам, не можам да го обвинам Нејмар затоа што сака да достигне статус на “бесмртен”. И јас да ја имав оваа шанса, и јас би ја зграпчил.

 

Би завршил со следново: трансферот на Нејмар од Барселона во ПСЖ е добар за сите освен за Барселона. Прво, со овој потег (барем малку) се врати балансот во европскиот фудбал. Барселона и Реал Мадрид беа доминантни овие 5 години и ги освојуваа сите титули. Сега, дел од тежината се одзема од страната на Барселона и се префрла на страната на ПСЖ. Другата причина, која сметам дека е уште побитна е тоа што овој потег ги отвара вратите за другите фудбалери да бидат подобро платени. Нејмар сфати и им даде до знаење на останатите колеги дека треба да си ја знаат вредноста. Барселона не го направи најплатен фудбалер во светот, но затоа тоа ќе го направи ПСЖ. Силно верувам дека сите фудбалери ќе му бидат благодарни на Нејмар затоа што за неколку години сите од нив ќе бидат финансиски обезбедени до крајот на животот.

Нејмар и татко му навреме сфатија дека фудбалот е бизнис. Епа ако фудбалот е бизнис, најпаметните ќе заработат од него. Зголемувањето на популарноста на Нејмар ќе влијае кон зголемувањето на популарноста на фудбалот. А тоа значи дека ќе има повеќе фанови, кои ќе резултираат во повеќе пари, кои ќе резултираат во поголем пазар и израмнување на силите помеѓу екипите.

 

Навивачи на Барселона, жалам.

Навивачи на сите останати клубови, охрабрете се бидејќи ова може да биде најдобрата работа што се случила на светскиот фудбал во последните 7-8 години.