Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
И покрај тоа што нашиот најдобар кошаркар Перо Антиќ истакна дека повторно би заиграл за репрезентацијата на Македонија во главните квалификации за Мундобаскетот, сепак нема да може да го стори тоа затоа што неговиот тренер Жељко Обрадовиќ ќе го стопира играњето на неговите играчи за нивните репрезентации.
Проблем е тоа што ФИБА има нов формат за натпреварување во квалификациите, а календарот на натпревари се поклопува со натпреварите од Евролигата. Квалификациите за Светското првенство се поделени во текот на сезоната и тоа во ноември, февруари и јуни.
Со ваков развој на настаните играчите би имале далеку потешка сезона, а тоа беше причина Жељко Обрадовиќ да го изнесе неговиот и ставот на Фенербахче по оваа одлука.
„Прво мора да мислите на играчите, има многу натпревари, а тие немаат многу денови за одмор. Далеку е потешко сега отколку во деновите кога играв јас. Зошто играчите од НБА немаат обврска да играат за репрезентациите, а играчите кои настапуваат во Европа мора? Тоа е одлука на играчите, кои ги плаќаат нивните клубови. Што се случува кога играчот ќе замине на десет дена и ќе се повреди? Секако, никој не сака тоа да се случи, но кој ќе ги плати тие пари. Тоа е многу важно прашање“- потенцираше Обрадовиќ.
Потоа српскиот стратег истакна дека од Фенербахче немаат намера да им дозволат на играчите да играат за своите репрезентации во ваков формат на натпреварување.
„Луѓето кои го водат натпреварувањето во Евролигата би требало да разговараат за ова прашање. А играчите треба да сфатат дека за нив е добро да оформат Синдикат. Тие да бидат оние кои носат одлуки за себе. Секогаш ќе ги бранам моите играчи. Ние во Фенер имаме јасен став по новонастанатата ситуација и знаеме што правиме. Нема да ги пуштиме играчите да играат за своите репрезентации“- дециден беше Жељко Обрадовиќ.
Со ваквиот развој на настаните, Перо Антиќ, доколку остане во Турција нема да игра за нашата репрезентација и покрај тоа што тој одлучи по подолго време да го облече дресот со репрезентативниот грб.