Ристовски: Од Риека сакаа да си заминам, тренирав одвоено, трчав и плачев


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Нашиот репрезентативец, Стефан Ристовски пред неколку денови ја напушти Риека и потпиша договор со гигантот од Португалија, Спортинг Лисабон.

Во Хрватска имаше многу навредливи коментари на адреса на Ристовски откако претседателот на Риека истакна дека Стефан сам барал да замине од клубот. Сепак самиот фудбалер преку својот Инстаграм профил порача дека тој не е виновникот што заминува од Риека.

Подетално за својата ситуација во последните денови раскажа во интервју за „Спортске Новости“.

„Презадоволен сум што се е завршено зошто притисокот последните неколку денови беше навистина голем. Од друга страна ми е жал што разделбата со Риека се случи на ваков начин. Од првиот ден го засакав тој клуб и желба ми е да останам во добро сеќавање со сите. Имаа свој начин, јас го почитувам, но мор ада кажам дека не е се како што претседателот Мишковиќ опиша. Што се однесува до мене, нема зла крв, се слушнавме, му се заблагодарив на се, им благодарам и на луѓето во клубот, но сакам да порачам на навивачите дека не сум јас тој кој одлучи да заминам од Риека“ –започна Ристовски во подолгото интервју за „Спортске Новости“.

Ристовски потоа истакна дека иако Мишковиќ изјави дека на десниот бек му бил понуден нов договор, такво нешто немало туку се зборувало само за трансферот во редовите на Спортинг.

„За нов договор воопшто не се зборуваше во ниту еден момент. Од првиот ден актуелна беше приказната за трансферот, така што јасно беше дека Риека одлучила да ме продаде. Би сакал цел живот да играм за Риека, тоа го кажувам јасно и искрено, но работите не се одвиваа така. Малку по натпреварот против Ред Бул менаџерот ми рече дека клубот ја прифатил понудата и дека мора да одам. Од минатото лето се зборуваше дека клубот сака да ме продаде за да заработи. Би бил најсреќен Риека на мене да заработи десет милиони евра, но да бидеме реални, јас сепак имам македонски пасош, доаѓам од хрватската лига, а и немам баш ни 20 години… Некои работи едноставно се наместија така за да морам да заминам, но за нов договор немаше ни збор и со првата понуда која ја задоволи Риека јас заминав“ –продолжи Стефан Ристовски.

Ристовски на крајот призна дека му е жал што заминува од клубот и дека на последниот тренинг трчал сам и плачел.

„Кога на мојот последен тренинг во Риека ми рекоа дека мора да се тргнам и да тренирам одвоено, трчав и плачев. Ми падна тешко зошто не сакав така да се разделам со Риека, мислам дека сепак заслужив малку подобро. Не требаше да ме испратат како Тоти, но го засакав тој клуб и тој град, сакав некои работи сепак да бидат малку поинакви“- заврши нашиот репрезентативец.

Инаку, Стефан Ристовски веќе ги започна тренинзите со тимот на Спортинг Лисабон и се подготвува за настапите во португалската лига и Лигата на шампионите.