Јамаха нема да вози во Катар, МотоГП најавува последици

Фабио Квартараро на Јамаха на ГН Малезија 2025
Фото: Liauzh / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Јамаха официјално соопшти дека нема да учествува на Големата награда на Катар во МотоГП следниот викенд. Јапонската компанија ја донесе одлуката поради внатрешните ограничувања за патувања во регионот на Блискиот Исток, кои важат за целата компанија, пренесува Д Рејс.

Одлуката значи дека на стартот во Лусаил нема да бидат возачите на фабричкиот тим, Фабио Квартараро и Алекс Ринс, ниту возачите на Прамак Јамаха, Џек Милер и Аугусто Фернандес, кој го заменува повредениот Топрак Разгатлиоглу. Јамаха најави дека ќе се врати на стартот на трката во Португалија.

Организаторите на МотоГП реагираа со соопштение во кое изразија разочарување од одлуката. Тие нагласија дека одлуката ќе има договорни последици, додека за спортските последици ќе одлучува Меѓународната мотоциклистичка федерација (ФИМ).

Тимот на Прамак во Мото2 сепак ќе отпатува во Катар, бидејќи неговиот возач Изан Гевара е во борба за титулата и заостанува само три и пол бода зад лидерот Ману Гонзалес.

Хонда и КТМ потврдија дека ќе настапат, а Априлија и Дукати исто така планираат да отпатуваат во Катар, иако дел од возачите отворено изразија сомнежи. „Не сакам да одам. Има 19 од нас кои не сакаат да одат таму“, изјави Милер пред одлуката на неговиот тим.

Од КТМ порачаа дека нивните планови не се менуваат. „КТМ оди во Катар за да се натпреварува во 20тото коло од Светското првенство. Работиме тесно со организаторите за викендот да се одржи“, се наведува во изјавата на австрискиот производител.

Трката во Катар може да биде одлучувачка за титулата, бидејќи Марк Маркез има 44 бода предност пред Хорхе Мартин по победата во Малезија.