Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓
Македонија зеде учество на Европското првенство во таеквондо кое од 01.04 до 8.04 се одржа во Римини, Италија. На континенталниот собир продефилираа над 1200 учесници од 30 земји кои беа поделени во различни возрасти и категории.
Македонија во Римини отпатува со двајца натпреварувачи, Давид Крстески и Филип Јосифоски кои беа предводени од нивниот тренер Марјанчо Лазаревски.
11 годишниот Крстески настапи во две дисциплини и тоа форми за црвен појас, кадети (11-13 години) и спаринг-борби до 40 кг, кадети (11-13 години). Јосифоски пак настапи во три дисциплини и тоа, форми за црн појас II дан, сениори, специјални техники, сениори и спаринг-борби до 64 кг. исто така во сениорска конкуренција.
До историски успех стигна младиот Давид Крстески кој неодамна наполни 11 години и со тоа доби право за настап на ова Европско првенство. Крстески стигна до бронзениот медал во сериозна конкуренција во дисциплината форми за црвен појас.
„Слободно можам да кажам дека Давид е нашата гордост. Сега слободно може да се пофалиме дека 11 годишно момче ни донесе медал од Европско првенство, нешто што ретко се случува кај нас. Давид ги оправда сите очекувања и покажа дека има светла иднина во овој спорт. Искрено, солзите радосници беа неизбежни по неговиот настап во Римини затоа што машки, без ниту грам страв ја претстави Македонија во едно одлично светло“-истакна тренерот на „ХВА РАНГ ИТФ“ од каде потекнува малиот Давид, Марјанчо Лазаревски.
Како што вели Лазаревски, местото на пиедесталот можело да биде и повисоко доколку судиите не биле пристрасни во полуфиналната борба.
„Во првиот круг го совладавме претставникот на Романија, во вториот беше совладан претставникот на Украина, додека во третиот Словенецот. За жал во полуфиналето бевме оштетени од судиите кои го фаворизираа рускиот претставник. Како сите мали федерации, така и за нашата, многу е потешко да стигнеме до медал пред федерациите кои имаат голем број натпреварувачи затоа што се привилегирани во однос за нас. Сепак, со гордост можам да кажам дека бронзата на Давид за нас сјае како злато“ –заклучи Лазаревски.
Филип Јосифоски, во форми и специјални техники беше елиминиран уште во првиот круг, додека во борби беше прв во својата група, совладувајќи ги претставниците на Италија и Велс, при што во двете борби направи еден од најатрактивните вртени удари во скок за 540 степени кој воедно беше и единствен на целиот шампионат. После групата,се пласира во четвртфинале каде загуби во борбата за медал од претставникот на Грција, а со тоа и можноста да бидеме земја која со два натпреварувачи освоила два медали.
„Сакаме да се пофалиме и покрај малата екипа , докажавме дека сме рамо до рамо со големите сили, така што нашиот пласман е во средината , Италија како земја домаќин на ова Европско првенство настапи со 24 натпреварувачи и освои само три бронзени медали, Романија со 17 натпреварувачи без ниту еден освоен медал“-заврши Лазаревски.