Пандев: Жалиме зошто не се враќаме барем со бод, но оваа генерација има што да понуди!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев го одигра последниот натпревар за Македонија на Европското првенство (ЕП), по што се повлече од репрезентацијата.

Пандев и неговите другари од репрезентацијата пристигнаа во Македонија, а при средбата со медиумите кажа дека му е жал што не освоиле барем бод.

„Жал ми е што не освоивме барем еден бод. Бевме блиску, но и далеку во исто време. Знаеме дека вакви натпревари се тешки за играње, треба многу искуство, а ние за првпат сме на ЕП. Жал ми е, но се надевам дека оваа генерација ќе има многу можности да ги израдува навивачите“, кажа Пандев.

Пандев имаше одговор и на прашањето за иднината на селекторот Игор Ангеловски, кој најави дека заминува од екипата.

„Луѓето треба да решат дали Ангеловски да продолжи или да замине. Видовме и вчера по некои портали, иако мечот уште не беше завршен, па нека е со среќа на новиот селектор ако го добие Македонија“, вели македонската легенда.