Жесток одговор за Јувентус, Реал и Барселона: Луѓе гинат во Украина, а ние се бориме за Суперлига

Првиот обид за создавање европска Суперлига заврши неславно, односно идејата пропадна на најголемите тимови во Европа да направат свое натпреварување кое ќе биде независно од УЕФА и ФИФА.

Пред една година 12 тимови сакаа да создадат Суперлига во која планот беше да настапуваат само избрани екипи, а одговорот на УЕФА беше жесток, па веднаш се откажаа девет од 12 клубови од идејата.

За оваа тема разговараше и првиот човек на ПСЖ и претседател на Европското здружение на клубови, Насер Ал-Келаифи, кој ги нападна првите луѓе на Јувентус, Реал Мадрид и Барселона.

„Мразам да зборувам за Суперлига затоа што зборуваме за три тимови. Свесни се дека од тоа нема ништо. Луѓе гинат во Украина, немаат каде да спијат, а ние се бориме за Суперлига. Нивниот проблем е тоа што немаат финансиска стабилност, ниту долгорочна визија. Забораваат дека фудбалот е друштвен договор, а не правен“, вели првиот човек на ПСЖ.