Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст ↓↓↓
Галатасарај започна контакти со Манчестер Сити во врска со можниот трансфер на англискиот репрезентативец Фил Фоден, пренесоа денес турските медиуми.
Според пишувањето на весникот „Фанатик“, претседателот на Галатасарај, Дурсун Озбек, му дал целосно овластување на италијанскиот агент Ѓорѓо Гарди за да води преговори со раководството на англискиот клуб и да испита под какви услови би можел да биде реализиран трансферот.
Истото издание наведува дека Гарди го предложил Фоден како едно од главните засилувања за истанбулскиот клуб. Италијанскиот агент тоа го направил во рамките на своето учество во реализацијата на трансфери на неколку звучни фудбалски имиња во Галатасарај во последните години.
Според турските медиуми, Фоден влегува во последната година од договорот со Манчестер Сити и наводно размислува за промена на средината поради помалата минутажа што ја имаше во минатата сезона.
Галатасарај, како што се наведува, е подготвен да ја испита можноста за ангажирање на 26-годишниот среден играч, чие пазарно вреднување се проценува на околу 70.000.000 евра.
Сепак, медиумите истакнуваат дека реализацијата на трансферот ќе биде извонредно тешка, бидејќи интерес за Фоден покажуваат и други водечки европски клубови, додека финансиските услови на евентуалната зделка претставуваат голем предизвик за шампионот на Турција.
















