Сагата заврши. Хетафе во вторникот официјално го претстави Дани Карвахал како свое засилување, откако Ла Лига конечно даде зелено светло за регистрацијата. Поранешниот капитен на Реал Мадрид потпиша договор до 30 јуни 2027 година, објави клубот на својата официјална страница Getafe CF.
„Од Хетафе сакаме да му посакаме добредојде на Дани Карвахал и многу успеси во оваа нова етапа. Добредојде на Колисеум, Дани“, стои во соопштението, во кое се нагласува дека десниот бек ќе донесе искуство и лидерство во соблекувалната на Хосе Бордалас.
Трансферот минатата недела беше запрен од Комитетот за економска контрола на Ла Лига, кој не ги прифаќаше бројките од договорот поради ниската плата што ја прифатил играчот. Според Eurosport, Карвахал значително си ја намалил платата за да може да биде регистриран, а во Реал неговиот договор изнесувал околу десет милиони евра годишно.
Средба со Торес, па со Бордалас
Шпанскиот медиум пишува дека 34-годишниот фудбалер најпрвин се сретнал со претседателот Анхел Торес во канцелариите на „Колисеум“, а потоа и со Бордалас во тренинг-центарот. Во шемата на тренерот тој ќе ја дели позицијата со Кико Феменија, Андрес Гарсија би можел да биде преместен во поофанзивна улога, а Карвахал е опција и како трет штопер.
Карвахал беше без клуб од јуни, кога му истече договорот со Реал Мадрид. Во клубот од шпанската престолнина помина 23 години, откако во 2002 година пристигна во академијата, пренесува BBC Sport.
Според Хетафе, десниот бек има освоено 29 трофеи со првиот тим на Реал Мадрид и со репрезентацијата на Шпанија, меѓу кои шест титули во Лигата на шампионите и титулата од Европското првенство во 2024 година. За Шпанија има 51 настап.
Повредите го забавија во последните сезони
Последните сезони во Реал беа обележани со тешки повреди. Во октомври 2024 година доживеа кинење на предните вкрстени лигаменти, а една година подоцна претрпе уште една сериозна повреда на коленото. Повредите и доаѓањето на Трент Александер-Арнолд минатото лето му ја намалија минутажата во последната сезона на „Бернабеу“.
Хетафе моментално е на 11тото место во Ла Лига. Засилувањето во октомври е можно затоа што Карвахал е слободен играч, а клубот со него добива фудбалер со огромно искуство за остатокот од сезоната.















