Данил Медведев конечно го сруши проклетството со одбраната на титулите. Рускиот тенисер во финалето на турнирот во Алмати го совлада квалификантот од Грузија, Николоз Басилашвили, со 6-7, 6-1, 6-3 и првпат во кариерата одбрани трофеј.
Медведев претходно трипати стигнуваше до финале на турнири на кои беше бранител на титулата, но секојпат губеше. Во Казахстан почна лошо и го загуби првиот сет во тај-брејк, но потоа целосно доминираше и по нешто повеќе од еден час и 50 минути го крена трофејот.
Според Tennis Majors, Медведев е првиот тенисер што двапати го освоил турнирот во Алмати. Минатата година во финалето го победи Корантен Муте, а Алмати е вториот турнир, по Дубаи, што го освоил повеќе од еднаш.
Ова е 25та титула во кариерата на Медведев и четврта оваа сезона, по Бризбејн, Дубаи и Хангжу. Тој е третиот тенисер со најмалку четири титули во 2026 година, по Јаник Синер и Бен Шелтон, а со 23 титули на тврда подлога се израмни со Синер.
„Тоа е само прашање на време, среќа и момент. Се чувствував свежо и физички добро. Повредата на Саша Бублик во полуфиналето ми даде дополнителен поттик во финалето и среќен сум што конечно успеав“, изјави Медведев.
Бублик во полуфиналето мораше да се откаже поради повреда на коленото. Медведев во одлучувачкиот сет имаше 78 отсто први сервиси, пренесе ATP.
Со титулата Медведев се искачи на петтото место во трката за завршниот турнир во Торино, со 3.670 бода, пред Флавио Коболи.
Басилашвили, кој има 34 години и во Алмати пристигна како 128ми тенисер на светот, на патот до финалето ги победи Марин Чилиќ, Факундо Диас Акоста, Адријан Манарино и Стефанос Циципас. Со пласманот во финалето тој повторно влегува меѓу најдобрите 100 тенисери на светот.
















