Финалето на Дејвис купот денеска: Шпанија против Италија

Карлос Алкарас на Ролан Гарос
Фото: Like tears in rain / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Шпанија и Италија денеска од 15 часот во Болоња ќе го играат финалето на Дејвис купот. Тоа е реприза на минатогодишното финале, во кое на истото место славеше Италија, пренесува Република.

Според распоредот, прво ќе играат вторите рекети на двете репрезентации, а се очекува Рафаел Јодар да игра против Лоренцо Музети. Потоа на теренот треба да излезат првите рекети, Карлос Алкарас и Флавио Коболи, иако капитените имаат рок до еден час пред почетокот да ги потврдат имињата. Ако по двата натпревари во сингл резултатот биде 1-1, шампионот ќе биде решен во дубл.

Италија освои три титули по ред, во 2023, 2024 и 2025 година, а сега се бори за петтиот трофеј во својата историја. Италијанците се непоразени во 16 последователни дуели по поразот од Канада во 2023 година, наведува шпанскиот Еј-Би-Си. Во меѓусебните дуели Италија води со 8-6.

Домаќините и овојпат играат без Јаник Синер, кој, според Еј-Би-Си, закрепнува по операцијата на коленото. Италија стигна до финалето по две тешки победи против Јужна Кореја и Чешка, во кои решавачки беше натпреварот во дубл.

Шпанија стигна до финалето без да загуби ниту еден меч, со победи од по 2-0 против Австрија и Велика Британија. Ова е 12то финале за Шпанија, која се бори за седмата титула по триумфите во 2000, 2004, 2008, 2009, 2011 и 2019 година.

Јодар двапати го победи Музети, во Вашингтон и во Канада, а Алкарас ги доби двата меча против Коболи, на Ролан Гарос и неодамна на завршниот турнир во Торино, пренесува Еј-Би-Си. Коболи оваа недела загуби два натпревари во сингл.

„Ќе направам сè што е потребно за да победам. Тоа е нешто што долго го барам, да имам можност да играм во финале на Дејвис купот. Тоа е последниот напор, последниот ден од целата сезона. Ќе го направам тоа за Шпанија, за моите соиграчи и за сите што нè следат“, изјави Алкарас, за кого ова ќе биде прво финале на Дејвис купот.

Шпанскиот тим го води Давид Ферер, а италијанскиот го предводи Филипо Воландри. Двајцата капитени досега се сретнале само во едно финале, минатата година, кога славеше Италија.