Меѓународната ракометна федерација продолжува со експериментот со тројца судии на теренот. На првото Светско првенство за девојки до 16 години во Агадир, Мароко, сите натпревари ги судеа тројца судии наместо вообичаената судиска двојка, пишува францускиот портал Хендњуз.
Целта е подобра покриеност на теренот и повеќе агли на гледање во спорт во кој одлуките се носат за делови од секундата. Според ИХФ, еден судија во текот на натпреварот може да донесе повеќе од 200 одлуки.
Во федерацијата сметаат дека со развојот на играта, сè побрзите напади и зачестените контакти, два пара очи понекогаш не се доволни. Третиот судија треба да покрива одредени зони и да забележува ситуации што би можеле да им промакнат на двајцата вообичаени судии.
Проект започнат во 2022 година
Експериментот започна во 2022 година на клупското Светско првенство Супер Глоуб, а потоа беше проширен и на други натпреварувања. Тројца судии ги судеа сите натпревари и на Светското првенство на земјите во развој во март 2025 година, како и на машкото Светско првенство до 17 години во Мароко истата година, наведува данскиот Хболд.
Финалето во Агадир, во кое Германија ја совлада Унгарија со 37-32, го судеа Французинката Матилд Курнил, Мароканецот Ашраф Ел Мунири и Швеѓанката Лине Велин, покажуваат податоците на ИХФ.
Долгорочната амбиција на ИХФ е системот постепено да се воведе на најголемите натпреварувања и да стане реалност на Олимписките игри во Бризбејн во 2032 година. Засега станува збор за проба, а конечната одлука ќе зависи од искуствата стекнати на турнирите на кои се тестира.
















