Ракометарите на Вардар и Пелистер во недела се среќаваат во најголемото дерби од деветтото коло на македонската Суперлига. Натпреварот во спортскиот центар „Јане Сандански“ е закажан за 17:45 часот.
Вардар во првенството има максимален учинок од осум победи, а во последниот натпревар го совлада Прилеп со 38-29. Пелистер исто така е непоразен, со седум победи и еден нерешен резултат, а во последното коло го победи Младост со 36-21.
Вардар пред дербито одигра нерешено 26-26 со германскиот Мелсунген во Лигата на шампионите, а сезоната во Европа ја продолжува во Европската лига. Навивачката група „Комити“ веднаш по тој натпревар испрати порака до тимот: „Победа против Пелистер е единствено сценарио“.
Тренерот на Вардар, Иван Чупиќ, пред дербито истакна дека дел од тимот за првпат ќе игра вакво дерби. „Имаме два-три играчи кои ќе играат првпат вакво дерби. Ние ќе бидеме фаворит, не бегаме од тоа. Според мене, имаме најдобар ростер. Секогаш барам повеќе од играчите“, изјави Чупиќ.
И битолските навивачи ќе бидат на трибините. Се очекува околу 150 „Чкембари“ да отпатуваат во Скопје за да го поддржат Пелистер.
Натпреварот ќе го судат Димитар Митревски и Благојче Тодоровски, а делегати ќе бидат Душко Камишевски и Лери Мирчески.
Во претходниот натпревар од колото, Алкалоид на гостувањето кај Бутел го совлада домаќинот со 29-24, по водството од 15-12 на полувремето. Во тимот на Кире Лазаров најефикасен беше Борзаш со пет гола, а Дамјан Митев постигна четири. За Бутел по пет гола постигнаа Лука Јовиќ и Марко Каевски.
Алкалоид со оваа победа се наоѓа на третото место на табелата, додека Бутел, кој сè уште е без победа, е на последното, 12то место.
















