Министерот за спорт Борко Ристовски се сретна со мотоциклистот Христијан Бузалковски и му честиташе за второто место во генералниот пласман на Европскиот куп на ФИМ Европа во класата Суперсток 1000, што претставува најголем успех во историјата на македонскиот мотоциклизам.
“Освојувањето на европската вицешампионска титула е голем успех за Христијан, но и за македонскиот мотоспорт. Ваквите резултати заслужуваат почит и поддршка”, изјави Ристовски, додавајќи дека Министерството ќе продолжи да создава услови за развој на спортистите. Бузалковски се заблагодари за поддршката што ја добива од Министерството.
Финале во Бугарија
Сезоната заврши на патеката А1 Мотор Парк во Бугарија, каде што Бузалковски мораше двапати да заврши пред Швајцарецот Јан Дамонд, неговиот директен конкурент за второто место. Шампион со 282,5 поени стана Полјакот Бартломеј Морански (БМВ), кој ја имаше обезбедено титулата уште пред последното коло, наведува ФИМ Европа.
Во саботната трка Бузалковски беше втор меѓу возачите во Европскиот куп, пред Синиша Кочоски, Петре Мијалков и Дамонд. Во неделата ја мина целта само 0,167 секунди зад Морански, со најбрз круг од 1:38.183, а Кочоски се повлече по пет круга.
“Борбата беше до последниот круг. Неизвесно беше кој ќе биде втор, трет или четврт бидејќи сите бевме многу блиску”, изјави Бузалковски по трката за порталот Мотори.
Со тој резултат тој стигна и до првиот подиум во кариерата во првенството Алпе Адриа, каде што беше трет во класата Суперсток 1000. Викендот го заокружи со шестата национална титула, а во БМУ Суперсток 1000 ја заврши сезоната на третото место.
















