Македонскиот кошаркарски репрезентативец Адем Мекиќ по третпат во кариерата го облече дресот на МЗТ Скопје Аеродром. Искусниот кошаркар потпиша договор на сезона и половина, објавија од клубот.
Мекиќ ја почна сезоната во Куманово, каде што одигра три натпревари. Според домашните медиуми, неговиот договор со кумановскиот клуб содржел клаузула според која можел да замине само при понуда од странство, но двете страни сепак се разделија, а играчот се врати во Аеродром.
Преминот во Куманово беше објавен на почетокот на октомври и тогаш важеше за едно од најголемите засилувања на домашниот пазар пред стартот на сезоната. Само неколку недели подоцна, Мекиќ повторно ќе игра во салата во Аеродром, пред публиката која добро го познава.
Ова не е прва епизода на Мекиќ во редовите на “штрковите”. Тој претходно беше член на МЗТ во периодот од 2014 до 2017 година, а потоа и од 2020 до 2023 година.
Со искуство од Хрватска
Меѓу двата престоја во Македонија, Мекиќ освои двојна круна во Хрватска со Задар. Од клубот истакнаа дека од него очекуваат да донесе “цврстина, енергија и победнички менталитет” во натпреварите на домашната и регионалната сцена.
Засилувањето пристигнува во бурен ден за МЗТ, кој претходно се раздели со тренерот Васко Атанасов. До именувањето на новиот шеф на стручниот штаб, кое се очекува во наредните денови, екипата ќе ја водат помошниците Дејан Србиновски и Тино Дановски.
Промените следуваат по поразот од Струмица со 87-79, прв за МЗТ во домашното првенство оваа сезона.
МЗТ в недела е домаќин на Пелистер во домашното првенство, а на 4 ноември гостува кај Дзики во Варшава.
















