Светската фудбалска федерација ФИФА го плаќа целиот американски данок на својот претседател Џани Инфантино, откако тој се пресели да живее во Мајами, објави во понеделникот „Њујорк тајмс“. Според весникот, до крајот на неговиот престој во САД сумата ќе изнесува околу четири милиони долари.
Аранжманот бил одобрен во мај 2024 година во Бангкок од тричлената комисија за надоместоци на ФИФА, а предлогот го дал нејзиниот претседател Бруно Кјоменто. Целта била да се покрие разликата меѓу повисокиот данок во САД и даночните обврски што Инфантино ги имал претходно.
Плаќањата, кои се однесуваат на периодот од 2024 до 2026 година, не биле објавени во финансиските извештаи на федерацијата. Инфантино годишно заработува околу шест милиони долари од ФИФА.
Порталот „Инсајд ворлд футбол“ дополнително наведува дека ФИФА годишно издвојува околу 600.000 долари и за резиденцијата на претседателот во Мајами, каде што организацијата во последните години отвори и канцеларии.
Од ФИФА одговорија со соопштение во кое тврдат дека се почитувани сите правила. „Сите внатрешни регулативи и процедури на ФИФА, како и сите важечки закони, беа испочитувани“, наведуваат од федерацијата и додаваат дека плаќањата биле предмет на независна ревизија.
Откритието доаѓа во момент на сериозна криза во односите меѓу ФИФА и УЕФА. Европската федерација неодамна побара одговори на 42 прашања за управувањето со ФИФА, со рок до 2 ноември, а од УЕФА јавно ја доведоа во прашање и независноста на Кјоменто, кој е и претседател на изборната комисија на ФИФА.
Во европските фудбалски кругови веќе се зборува и за можен противкандидат на Инфантино на следните избори за претседател на ФИФА, а новите информации за неговите примања дополнително ги засилуваат критиките за начинот на кој се управува со светскиот фудбал.
Деталите за аранжманот ги пренесоа The New York Times и Inside World Football.
















