Германскиот шампион Баерн Минхен остана без уште двајца офанзивни играчи пред гостувањето кај Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите. Исмаел Саибари и Серж Гнабри се повредија во ремито 2-2 со Борусија Дортмунд и ќе паузираат подолго време, објави клубот, пренесува Бундеслига.
Саибари во првото полувреме на дербито се судри со голманот на Дортмунд, Грегор Кобел, и го повреди десниот глужд. Мароканскиот репрезентативец го напушти стадионот со патерици, а Баерн потврди дека има делумно скинат лигамент и дека веќе е успешно опериран.
Само две минути подоцна, теренот мораше да го напушти и Гнабри, кој заработи мускулна повреда на задната страна на левото бедро. Клубот не соопшти колку долго ќе отсуствуваат двајцата играчи.
Според германскиот Билд, Саибари ќе биде надвор од теренот најмалку три месеци, а Гнабри меѓу четири и шест недели.
Баварците веќе беа без Џамал Мусијала и Луис Дијаз, па за натпреварот во Мадрид сега им недостигаат четворица офанзивни играчи. Неизвесен е и настапот на Мишел Олисе, кој поради болка во десното колено беше заменет во 84тата минута против Дортмунд.
„Кај Олисе веруваме дека не е ништо сериозно. Но, тоа е тешко да се каже веднаш по ваков натпревар, со адреналинот“, изјави спортскиот директор Макс Еберл.
Тимот против Атлетико повторно ќе го води Арон Данкс, кој го заменува Венсан Компани додека белгискиот тренер се опоравува.
Натпреварот од четвртото коло во Лигата на шампионите меѓу Атлетико и Баерн ќе се игра во вторник од 21 час на стадионот „Метрополитано“ во Мадрид.
















