Манчестер Јунајтед е сè поблиску до отказ за тренерот Мајкл Карик, пишуваат англиските медиуми. Според Би-Би-Си, конечна одлука сè уште не е донесена, но растат очекувањата дека извршниот директор Омар Берада и спортскиот директор Џејсон Вилкокс ќе предложат разделба.
Препораката треба да ја добијат сопственикот Џим Ратклиф и семејството Глејзер. Според англиските медиуми, за иднината на Карик ќе се разговара и на средбата што Ратклиф ја води во вторник во Монако.
Ремито 4-4 со Астон Вила во неделата значи дека Јунајтед го има најлошиот старт во првенството во последните 40 години. Екипата има само една победа на десет натпревари во Премиер лигата и се наоѓа на 18тото место, со бод пред последнопласираниот Кристал Палас.
Клубот одлучи да го задржи Карик по домашниот пораз од Борнмут со 0-3 на 25 октомври и да ја преиспита ситуацијата за време на репрезентативната пауза. На трите натпревари потоа Јунајтед забележа победа, реми и пораз.
Вилкокс ја води анализата и се консултира со Берада пред да ја даде препораката, пишува Гардијан. Според весникот, клубот се движи кон отказ, иако официјална одлука сè уште нема.
Меѓу можните наследници најчесто се споменува Маурисио Почетино, сегашниот селектор на САД, кој според Би-Би-Си е отворен за преземање на Јунајтед. На листата се и Еди Хау и Јулијан Нагелсман, а интерес за функцијата има и Антонио Конте.
Карик, кој има 45 години, ја презеде екипата во јануари по заминувањето на Рубен Аморим, а летото потпиша двегодишен договор. По паузата, Јунајтед на 22 ноември му гостува на Ливерпул на Енфилд.
















