Уертас на 43 години пред враќање во Евролигата со Дубаи

Марселињо Уертас
Фото: Sakhalinio / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Бразилскиот плејмејкер Марселињо Уертас на 43-годишна возраст е пред враќање во Евролигата. Според шпанскиот новинар Чема де Лукас, искусниот бек ќе ја напушти Ла Лагуна Тенерифе и ќе потпише за Дубаи, пренесува Марка.

Во Дубаи, Уертас повторно ќе соработува со Шави Паскуал, кој го водеше во Барселона од 2011 до 2015 година. Екипата од Емиратите е меѓу клубовите на врвот на табелата во Евролигата.

Според Кадена Сер, Уертас има понуда за две сезони, а клубот од Тенерифе нема намера да му прави пречки. Во понеделникот беше планирана средба меѓу раководството и кошаркарот, а Уертас и онака немаше да патува на натпреварот од Еврокупот во среда против Шјауљај.

https://x.com/chemadelucas/status/2119768235965038965

Агенцијата Ефе објави дека договорот е блиску до реализација, но дека ниту една од трите страни сè уште официјално не го потврдила трансферот.

Ако се потврди заминувањето, последен натпревар за Ла Лагуна ќе му биде победата над Јувентуд во неделата. Во шпанското првенство оваа сезона во просек бележи 14,3 поени и 3,9 асистенции, а во Еврокупот 8 поени и 5 асистенции, наведува Баскетњуз.

Уертас дебитираше во шпанската лига на 2 октомври 2004 година во дресот на Јувентуд, а подоцна играше и за Билбао, Басконија и Барселона, како и две сезони за Лејкерс во НБА.

Во Тенерифе помина осум сезони. Со клубот ја освои Лигата на шампионите на ФИБА во 2022 година и Интерконтиненталниот куп во 2020 и 2023 година, а беше прогласен за најкорисен играч на шпанската лига во 2025 година, на 42-годишна возраст.

Последен пат во Евролигата настапи со Басконија од 2017 до 2019 година. Со дебито за Дубаи би станал вториот најстар кошаркар во модерната историја на натпреварувањето, зад Ден Геј, кој во 2007 година играше за Фортитудо на 45-годишна возраст.