Грчката полиција уапси 58-годишен тренер по кревање тегови, кој е осомничен дека набавувал и давал забранети допинг-средства на спортисти, меѓу кои и на својот малолетен син. Станува збор за Одисеас Димас, брат на легендарниот олимписки шампион Пирос Димас, пренесува То Вима.
Димас беше приведен во четвртокот, 12 ноември, во полициска акција во регионот на Атина. Истрагата, која траеше со месеци, ја водеше Одделот за финансиски криминал во соработка со грчката антидопинг-агенција и Националната агенција за лекови.
Според полицијата, тренерот набавувал и давал забранети супстанции на спортисти најмалку од април 2024 година. Меѓу испитаните случаи е и случајот на неговиот малолетен син, кој исто така се натпреварува во кревање тегови.
Истражителите тврдат дека Димас му дал забранета супстанција на синот за време на натпревар. Примерокот од урината на младиот спортист бил позитивен на оксандролон, анаболен стероид кој се наоѓа на листата на забранети средства на Светската антидопинг-агенција.
Поради овој случај, тренерот е суспендиран на 12 години, а неговиот син на 10 месеци. При претресите на домот и спортските објекти, полицијата заплени 871 единица нелегални фармацевтски производи и допинг-средства, 15.000 евра во готово, 17 спортски легитимации, ракописни белешки и мобилен телефон.
Според Националната агенција за лекови, запленетите производи не се одобрени за продажба во Грција и се штетни за здравјето. Против Димас е покрената кривична постапка за едно кривично дело и еден прекршок, објави Си-Ен-Ен Грција.
Пирос Димас, трикратен олимписки шампион и поранешен пратеник, е член на управата на грчката федерација за кревање тегови. Според Катимерини, нема никакви индиции дека тој е поврзан со истрагата.
Обвинетиот тренер ќе одговара според грчкиот закон за допинг во аматерскиот и професионалниот спорт, како и според одредбите од Кривичниот законик за штетни фармацевтски производи.
















