Партизан доби засилување под кошот. Белградскиот клуб во петокот наутро официјално го претстави центарот Крис Силва, кој доаѓа од Фенербахче, само неколку часа откако турскиот клуб објави дека се разделува со него, пренесува Јурохупс.
Триесетгодишниот кошаркар, роден во Габон, пристигна во Белград во средата, а во четвртокот ги помина задолжителните лекарски прегледи. Според соопштението на Партизан, право на настап во црно-белиот дрес ќе има од натпреварот против Задар.
Силва ја започна професионалната кариера во 2019 година, по завршувањето на студиите на Универзитетот Јужна Каролина. Во НБА лигата играше за Мајами, Сакраменто, Минесота и Далас, а настапуваше и во развојната лига.
Во 2024 година помина неколку месеци во Порторико и Израел, а во август 2025 година се приклучи на АЕК. Во јануари 2026 година премина во Фенербахче, со кој минатата сезона ја освои двојната круна во Турција.
Во турскиот клуб, сепак, немаше значајна минутажа. Минатата сезона во Евролигата бележеше просечно 4,4 поени и 1,7 скока на 16 натпревари, а оваа сезона на четири натпревари имаше просек од 1,8 поени и 1,2 скока за помалку од шест минути на паркетот.
Неговата улога дополнително се намали откако Фенербахче го доведе Двајт Пауел, па заминувањето беше логичен чекор. Турскиот клуб на социјалните мрежи му се заблагодари за придонесот и му посака успех во понатамошната кариера.
Во Белград, Силва треба да му помогне на тренерот Жоан Пењароја, кој во моментов е без повредените центри Кеварјус Хејс и Дерек Вилис. Силва има искуство од 70 натпревари во НБА лигата, пишува официјалниот сајт на Евролигата.
Партизан во Евролигата има шест победи и пет порази, а во АБА лигата е непоразен со шест победи и го дели првото место во групата Б со Дубаи, потсетува Баскетњуз.
















