Кривичниот суд во Абу Даби осуди десет лица поради тепачката во хотел на островот Јас, во која учествуваа Усман Нурмагомедов и Мераб Двалишвили. Шестмина членови на тимот на Нурмагомедов добија по шест месеци затвор, парична казна од по 300.000 дирхами и протерување од Емиратите по издржувањето на казната, пренесува ЕСПН.
Според Судскиот оддел на Абу Даби, казните се изречени за нарушување на јавната безбедност, предизвикување паника и загрозување животи. Властите официјално не ги објавија имињата на осудените, но според Си-би-ес спортс, меѓу шестмината е и самиот Усман Нурмагомедов, актуелен шампион во лесна категорија во ПФЛ.
Уште двајца, кои го снимиле инцидентот и ја објавиле снимката на социјалните мрежи, исто така добија по шест месеци затвор, парична казна од по 300.000 дирхами и протерување поради повреда на приватноста. Судот нареди и одземање на нивните телефони и бришење на снимките, пишува Нешнал.
Двалишвили и неговиот пријател Саба Лазишвили беа казнети со по 50.000 дирхами за нарушување на јавниот ред и напад, по што беа пуштени. Извршниот директор на организацијата РАФ, Чад Бронстајн, соопшти дека Двалишвили повторно е со тимот и им се заблагодари на властите во Абу Даби за професионалноста.
Инцидентот се случи во средата во лобито на хотелот, додека Двалишвили даваше интервју пред приредбата на РАФ. Според ЕСПН, Усман Нурмагомедов му пришол одзади и му удрил шамар, по што настанала општа тепачка меѓу двата табора. Полицијата ги приведе сите учесници.
„Давав интервју за РАФ во лобито на хотелот, а Усман и неговите другари дојдоа одзади и почнаа да нè удираат мене и мојот млад пријател. Обезбедувањето ме држеше мене, а тие продолжија да нè шутираат додека бевме на земја“, напиша 35-годишниот Грузиец на социјалните мрежи.
Тензиите траат од јануари 2025 година, кога Двалишвили на приредбата УФЦ 311 го победи Умар Нурмагомедов, постариот брат на Усман, со едногласна одлука на судиите и ја одбрани титулата во бантам категорија. Двата табора имаа помал инцидент и во јули, на приредбата на РАФ во Грузија.
Двалишвили, и покрај сè, ќе настапи во саботата во Етихад арена против поранешниот шампион на УФЦ, Марлон Мораес. Умар Нурмагомедов требаше да се бори со Јураја Фејбер, но наместо него ќе настапи 21-годишниот Лазишвили, кој исто така беше вмешан во тепачката.
Претседателот на УФЦ, Дана Вајт, во четвртокот на прес-конференција во Њујорк остро го осуди инцидентот. „Каква група идиоти. Тоа е апсолутно смешно и глупаво, а сега сите се во затвор“, изјави Вајт. Дваесет и осумгодишниот Усман неодамна го одработи договорот со ПФЛ, а се шпекулираше за негов можен премин во УФЦ.
















