Лука Дончиќ постигна 43 поени, а Лос Анџелес Лејкерс во Феникс ги совладаа Санс со 131-123 и стигнаа до осмата последователна победа во НБА, пренесува Еспн.
Лејкерс играа без Остин Ривс, кој има модрица на петата, но со Дончиќ во одлична форма водеа и со 31 поен разлика, 101-70, при крајот на третата четвртина. Санс потоа постигнаа 43 поени во последната четвртина и на минута пред крајот се доближија на 126-121, пренесува Лос Анџелес тајмс.
Победата ја спаси Квентин Грајмс, кој фати скок во напад и на 34 секунди пред крајот погоди тројка од таблата. Дончиќ потоа со две слободни фрлања ја запечати победата. Грајмс, кој пропушти два натпревари поради повреда на прстот, заврши со 22 поени и пет погодени тројки од шест обиди.
Словенецот имаше 20 поени уште во првата четвртина и 25 на полувремето, а натпреварот го заврши со девет асистенции и 12 погодени слободни фрлања од 14 обиди. Тоа му е шести натпревар со 40 или повеќе поени оваа сезона, а со 69тиот таков натпревар во кариерата го престигна Џорџ Гервин и се искачи на 13тото место на вечната листа во регуларниот дел, објавија од клубот.
„Беше многу убаво. Мислам дека сите можеа да ја видат мојата насмевка на линијата за слободни фрлања. Тоа ме направи среќен“, рече Дончиќ за скандирањето на дел од навивачите во Феникс, кои го нарекуваа најкорисен играч.
„Работиме и играме премногу напорно за да стигнеме до вакви предности. Неуслуга е кон едни со други да попуштите. Мора да играте 48 минути, а одбраната ќе треба да ни носи победи“, рече тренерот Џеј Џеј Редик, незадоволен од последната четвртина.
Лејкерс сега имаат 12 победи и два пораза и го делат најдобриот учинок во лигата. Дончиќ е и најдобар стрелец во НБА со просек од 38,6 поени.
Кај Санс, Колин Гилеспи постигна 26 поени, а Девин Букер имаше 17 поени со само четири погодоци од 14 обиди и не играше во последната четвртина.
















