Јокиќ и Мареј први соиграчи со по 1.000 асистенции еден за друг

Никола Јокиќ и Џамал Мареј
Фото: Pbritti / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Никола Јокиќ и Џамал Мареј испишаа историја во НБА лигата. Двајцата кошаркари на Денвер станаа првиот пар соиграчи кои си дале еден на друг по повеќе од 1.000 асистенции, откако лигата почна да ја следи оваа статистика во сезоната 1997/98, пренесува Клачпоинтс.

Рекордот го поставија на почетокот на третата четвртина од гостувањето во Њу Орлеанс, на кое Денвер победи со 116-108 во ноќта кон недела.

https://x.com/NBA/status/2121786668147462313

Јокиќ беше најефикасен со 26 поени, осум скока, десет асистенции и три украдени топки. Српскиот центар погоди девет од 14 шута од игра и ги реализираше сите седум слободни фрлања. Мареј додаде 23 поени, седум скока и девет асистенции, со девет погодени шута од 16 обиди од игра, а имаше и најдобар плус-минус учинок во тимот од плус 16 додека беше на паркетот, објави Асошиејтед прес.

Пет кошаркари на Денвер постигнаа двоцифрен број поени. Кристијан Браун забележа 17 поени и седум скока, Камерон Џонсон додаде 12, а Арон Гордон 11 поени.

Денвер славеше на четири од последните пет натпревари, има учинок од седум победи и четири порази и е седми на Западот. Против Њу Орлеанс оваа сезона има три победи од исто толку средби.

Пеликанс го загубија шестиот натпревар по ред, четвртиот на домашен терен. Најдобар кај нив беше Зајон Вилијамсон со 24 поени, Садик Беј додаде 16, а дебитантот Џарон Пјер помладиот постигна 13 поени за 23 минути, само неколку часа откако постигна 23 поени за филијалата Лејктаун Сквадрон во Г-лигата.

Мареј пристигна во Денвер преку драфтот во 2016 година, а двајцата се во тимот веќе цела деценија. Со Јокиќ како плејмејкер и Мареј како завршувач на акциите, Денвер во 2023 година ја освои шампионската титула, потсетува Спортинг њуз.

Денвер следниот натпревар ќе го одигра на домашен терен против Финикс, во ноќта кон вторник според македонско време.