Оливер Берман е единствениот возач во Формула 1 чие место за 2027 година сè уште не е официјално потврдено. Британецот на денот за медиуми во Лас Вегас призна дека е разочаран што Хас сè уште не го објавил продолжувањето на соработката, пренесе Формула 1.
„Секако е малку разочарувачки. Кога луѓе во тимот прашуваат зошто сè уште не си објавен, тоа не е идеално. Не само за нив, туку и за мене од ментална страна“, рече Берман.
„Работиме на тоа и сè што можам да кажам е дека сум малку разочаран што стојам тука без ништо да ви кажам, бидејќи за тоа нема оправдување“, додаде дваесет и едногодишниот возач.
Речиси сите возачи веќе имаат потврдени места за 2027 година, а Хас сè уште не го објавил договорот со Британецот, иако се очекува двете страни да ја продолжат соработката.
На прашањето дали одолговлекувањето значи дека нешто не е во ред, тој одговори дека тоа не е точно. „Но, работите многу се одолговлекуваат и тоа не ми се допаѓа“, рече Берман.
„Дури и да ви кажам дека, да не урокам, следната година ќе возам за Хас, фактот што тоа не е официјално е едноставно разочарувачки“, изјави тој. На прашањето што го кочи договорот, одговори дека не знае.
„Ситуацијата е тешка и мислам дека нема оправдување во оваа фаза да стојам тука без ништо да ви кажам. Тоа го покажува и фактот што сум единствениот кој сè уште не е објавен за следната година“, додаде Берман.
По настапите како замена во 2024 година, Берман ја започна својата прва сезона како редовен возач на Хас во 2025 година. Тимот веќе го потврди Рафаел Камара како еден од возачите за 2027 година, а Бразилецот вози заедно со Берман и овој викенд.
Британецот очекува тежок викенд во Лас Вегас. Тој потсети дека тимот ги загубил шансите за бодови во Остин и Мексико, а дека во Мексико и Бразил бил и болен.
















