Новиот менаџер на Кристал Палас, Томас Франк, на првата прес-конференција по доаѓањето во клубот потврди дека Такехиро Томијасу и Исмаила Сар нема да бидат на располагање за саботното гостување кај Ковентри, објави Кристал Палас.
„Можам да кажам дека Томијасу ќе се врати на тренинзите следната недела. За Сар е неизвесно кога ќе може да почне да тренира. Станува збор за повреда на препоните, па треба да се внимава“, изјави Франк.
„Кај ваквите повреди мора да се внимава на оптоварувањето на играчот. Тоа може да потрае малку подолго. Треба да се погрижиме да не направиме два чекора напред, а потоа два чекора назад. Тој не мора да биде на теренот ни следната недела“, додаде данскиот стручњак.
Палас на гостувањето на „Си-би-ес арена“ нема да може да смета ниту на напаѓачот Жан-Филип Матета, кој и понатаму е суспендиран. Натпреварот против Ковентри на Френк Лампард е закажан за сабота во 16 часот по нашето време.
„Знам дека ќе биде тешко. Но, им верувам на момчињата и знам дека во сабота ќе одиграме добро. Само ни треба малку работите да тргнат во наша корист“, рече Франк за својот прв натпревар на клупата на лондонскиот клуб.
Данецот, кој има зад себе повеќе од 200 натпревари во Премиер лигата, а последно го водеше Тотенхем, додека претходно беше на клупата на Брентфорд, се врати на тренерската работа по девет месеци пауза. „Малку е застрашувачки колку добро се чувствувам што повторно сум тука“, призна тој.
„За мене Палас е култен клуб во Англија. Мислам дека тимот е многу талентиран и има добар потенцијал во секој поглед. Се разбира, во моментов сме во позиција во која не сакаме да бидеме и ќе дадам сè од себе, заедно со стручниот штаб и играчите, на крајот на сезоната да бидеме во многу подобра позиција“, рече Франк, кој на прес-конференцијата откри и дека на тренингот во четвртокот имал на располагање 20 играчи од поле.
















