Фудбалерките на Барселона го совладаа Сервет со 6-0 во петтото коло од Лигата на шампионите за жени и на едно коло пред крајот на лигашката фаза обезбедија директен пласман во четвртфиналето, објави УЕФА. Јунак на натпреварот беше Клаудија Пина со три гола.
Аитана Бонмати го отвори резултатот во 19тата минута, со што започна серијата од три гола за 13 минути. Во тој период во листата на стрелците се запишаа и Пина и Есме Бругтс. Каролине Граам Хансен беше прецизна од пенал, а Пина го комплетираше хет-трикот.
Граам Хансен стана првата фудбалерка што постигнала гол во секое од првите пет кола од групната, односно лигашката фаза на натпреварувањето, наведува УЕФА. Барселона постави клупски рекорд со 16 натпревари без пораз во Лигата на шампионите и 12та сезона по ред се пласира во четвртфиналето.
Директен пласман во четвртфиналето обезбеди и Лион, кој го совлада Арсенал на гостински терен со 2-0. Јуле Бранд го постигна првиот гол во првото полувреме, а Мелши Думорне во 57мата минута ја потврди победата. Лион рекорден 18ти пат се пласира во четвртфиналето и петти натпревар по ред не прими гол во натпреварувањето.
Арсенал, освојувачот на трофејот во 2025 година, го доживеа првиот пораз во лигашката фаза и се наоѓа на осмото место, но благодарение на резултатите од другите натпревари обезбеди најмалку учество во плеј-офот за нокаут-фазата.
Според Еј-пи, Барселона и Лион имаат ист број бодови на врвот на табелата, а каталонскиот тим е прв поради подобрата гол-разлика. Барселона постигна 26 гола на пет натпревари, а Лион 22, без ниту еден примен гол.
„Токму им кажував на соиграчките дека е многу важно да завршиме на првото место на табелата. Не знам дали сега можеме малку ментално да се опуштиме, но добивме малку мир. Ако завршиме први, уште подобро, но ова е Лига на шампионите и секој натпревар може да биде незгоден“, изјави Пина според Еф-а-пе.
На другите натпревари одиграни во четвртокот, Баерн Минхен ја совлада Аустрија Виена на гостински терен со 4-0, а Рома и Пари ФК забележаа важни победи во последните минути на гостувањата кај Бенфика и Кеге.
















