Валенсија и натаму ја чека првата домашна победа во шпанското првенство оваа сезона, откако во недела на „Местаља“ одигра 1-1 со Осасуна. Македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски го бранеше голот на домаќините од првата минута, а гостите останаа без победа откако ВАР им поништи гол во 88мата минута, пренесува Ас.
Во првото полувреме имаше повеќе тензија отколку игра. Валенсија имаше шанси преку Пепелу и Умар Садик, додека од редовите на Осасуна се закануваа Анте Будимир, Мои Гомез и Аимар Ороз.
Измените внесоа живост во натпреварот. Осасуна поведе преку Рубен Гарсија, кој само пет минути по влегувањето во игра го совлада Димитриевски по додавање на Мои Гомез. Гарсија своевремено настапувал за младинските категории на Валенсија.
Одговорот на домаќините стигна по уште една измена. Хуго Дуро, шест минути по влегувањето во игра, со удар со глава по прецизното центрирање на Давид Оторби го совлада голманот Серхио Ерера и го изедначи резултатот.
Во завршницата Асиер Осамбела, кој влезе во игра три минути претходно, го совлада Димитриевски, но судијата Хавиер Алберола Рохас, по повикот од ВАР-собата, ја прегледа снимката и го поништи голот поради играње со рака.
По ова реми, Валенсија е на 16тото место на табелата со 13 бода од 14 натпревари, а Осасуна е десетта со 16 бода. Пред новогодишната пауза Валенсија има уште еден натпревар, против Еспањол, наведува Ас. Според клубот, натпреварот на „Местаља“ го следеа 43.209 гледачи.
„Убеден сум дека кога ќе дојде првата победа на Местаља, ќе дојдат и многу други“, изјави Хосе Гаја по средбата, објави Валенсија на социјалните мрежи.
















