Реал Мадрид со пет победи по ред го пречекува Фенербахче

Натпревар меѓу Фенербахче и Реал Мадрид во Евролигата
Фото: Sakhalinio / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Деветтото коло од Евролигата вечерва продолжува со три натпревари, а најголемо внимание привлекува дуелот меѓу Реал Мадрид и Фенербахче, кој почнува во 20:45 часот.

Реал Мадрид има учинок од пет победи и три порази, а во Евролигата е во серија од пет последователни победи. Мадриѓаните на последните три натпревари постигнаа над 100 поени, но вечерва ќе бидат без Гаруба и Габриел Дек, додека настапот на Ник Смит Јуниор е под знак прашалник.

Фенербахче, под водство на Шарунас Јасикевичиус, има шест победи и два пораза. Реал минатата сезона ги доби двата меѓусебни натпревари.

Во победничката серија на Реал е и убедливиот триумф над Асвел со 111-92, кога Андрес Фелиз постигна 26 поени со осум тројки. Фенербахче, пак, во средината на октомври го совлада Партизан со рекордни 14 блокади.

Во Белград, Црвена звезда од 20:00 часот е домаќин на Баерн. Звезда има пет победи и три порази, а против германскиот тим се очекува дебито на Колоко, додека Миљеновиќ нема да игра.

Баерн, предводен од Антон Гавел, е во тешка позиција со само две победи и шест порази, откако во последното коло загуби од Барселона. Сепак, Минхенците минатата сезона ги добија двата натпревари против Звезда.

Во Тел Авив, Макаби од 20:05 часот го пречекува Париз. Двата тима имаат по две победи и шест порази, а под притисок е тренерот на Макаби, Одед Каташ. Во составот на Париз се враќа Хифи.

Колото ќе продолжи во петок со уште седум натпревари. На врвот на табелата е Панатинаикос со седум победи и само еден пораз, пренесува Евролига.