Анчелоти: Сигурен сум дека Гвардиола не го мисли тоа што го кажа за шансите на Манчестер сити


СТЕМ: Клучот на иднината! Како нашите деца го освојуваат светот! ↓↓↓


Фудбалерите на Реал Мадрид и Манчестер Сити ќе играат в среда од 21 часот реванш натпревар во плејофот за осминафиналето на Лигата на шампионите.

Средбата во Мадрид ќе даде одговор на прашањето кој од двата гиганти ќе се најде меѓу најдобрите 16 во најсилното европско клупско фудбалско натпреварување. По поразот од 2:3 во првиот натпревар, Пеп Гвардиола изјави дека смета дека неговиот состав има минимални шанси за тоа.

„Шансите за победа на Бернабеу ни се минимални, сите го знаат тоа. Не знам точно колку изнесуваат во проценти, но би рекол помалку од 1 процент. Такви се, бидејќи резултатот од првиот натпревар за нас не беше добар. Пет минути пред крајот водевме 2:1, а загубивме 2:3, па нашите опции се намалени“, рече Гвардиола и заклучи: „Ќе се обидеме да ги искористиме шансите кои ќе ги имаме и ќе видиме каде тоа ќе нè однесе“.

Прес-конференција одржа и тренерот на Реал Карло Анчелоти, кој не верува дека Гвардиола зборува вистина.

„Да бидеме искрени, тој навистина не мисли така. Ќе го прашам пред натпреварот дали навистина мисли дека имаат само еден процент шанси за поминување. Всушност мисли дека имаат поголеми шанси, што е во ред, ни ние не мислиме дека имаме 99 проценти. Сметаме дека имаме мала предност и треба да ја искористиме. Сакаме да играме слично како во првиот натпревар”, рече италијанскиот тренер.