Фудбалерите на Арсими се последната екипа што обезбеди пласман во четвртфиналето на Купот на Македонија. Денеска, во последниот натпревар од осминафиналето, тие на гостувањето во Струмица ја совладаа Брера со 3-1, по пресврт во второто полувреме.
Струмичани подобро го започнаа натпреварот и на одмор заминаа со предност од 1-0, благодарение на голот на Матеј Сејменов.
Во второто полувреме Арсими ја презеде контролата врз играта. Фатјон Јусуфи во 51вата минута го изедначи резултатот, а 13 минути подоцна Арлинд Алити се погрижи за целосен пресврт.
Конечниот резултат од 3-1 го постави Ебрима Гаје во 85тата минута, со што Арсими ја потврди победата и пласманот меѓу осумте најдобри екипи во Купот.
За гостиварскиот прволигаш ова е убава вест по поразот од 0-2 што го претрпе на домашен терен од Шкендија Арачиново на почетокот на ноември во првенството, додека Брера со овој пораз го заврши настапот во Купот.
Овој дуел се одигра во дополнителен термин, бидејќи претходно беше одложен поради обврските на Брера во младинската Лига на шампионите.
Со пласманот на Арсими се комплетираше списокот на четвртфиналисти. Покрај Арсими, од прволигашите во следната фаза се пласираа Скопје, Струга, Вардар, Силекс и Шкендија Арачиново, а од второлигашите Работнички и Македонија Ѓорче Петров. Тоа значи дека борбата за пехарот ќе ја продолжат шест екипи од елитата и две од вториот ранг на македонскиот фудбал.
Четвртфиналните натпревари од Купот на Македонија ќе се играат напролет. Бранител на трофејот е Силекс, кој го освои пехарот во минатото издание.
















