Меѓународната агенција за интегритет во тенисот (ИТИА) потврди дека францускиот тенисер Артур Риндернех е обвинет дека одбил да се подложи на допинг-контрола, објави Си-Ен-Еј, повикувајќи се на изјавата на агенцијата за Ројтерс.
„По написите во медиумите и објавата на играчот на социјалните мрежи, можеме да потврдиме дека Артур Риндернех е обвинет за одбивање тестирање“, соопшти ИТИА. Агенцијата додаде дека случајот ќе го разгледува независен трибунал на почетокот на следната година и дека е разочарана што деталите биле обелоденети.
Случајот го откри францускиот весник „Екип“, според кој 31-годишниот тенисер би можел да добие суспензија до четири години. Станува збор за ненајавена допинг-контрола надвор од натпреварување во јуни во Бретања, а според весникот, можно е да станувало збор за недоразбирање со контролорот, пишува Би-Би-Си спорт.
Риндернех, кој се наоѓа на 57то место на светската ранг-листа, ги отфрли обвинувањата во објава на Инстаграм. „Веќе ја известив ИТИА дека ги негирам наводите и побарав случајот да го разгледа и да одлучи независен трибунал, што е мое право“, напиша францускиот тенисер.
„Верувам дека кога случајот ќе биде претставен пред независниот трибунал, ќе бидам ослободен од обвинението за одбивање тестирање. Никогаш не сум земал забранета супстанција и горд сум на моите успеси во професионалниот тенис, постигнати со напорна работа и секогаш со интегритет“, додаде тој.
Риндернех нагласи дека деталите ќе ги изнесе пред трибуналот и дека во меѓувреме нема јавно да одговара на обвинувањата. Тој истакна и дека, според ИТИА, случајот требало да остане строго доверлив.
Според Фигаро, кој се повикува на Франс прес, доколку обвинението биде потврдено, францускиот тенисер би можел да биде казнет со суспензија од две до четири години.
Ова не е единствениот ваков случај во тенисот во последните месеци. Поранешната шампионка на Вимблдон, Маркета Вондроушова, во јуни доби четиригодишна суспензија откако независен трибунал утврди дека одбила допинг-контрола во декември 2025 година, а Чехинката поднесе жалба до Спортскиот арбитражен суд.
















