Артета господски му одговори на Гвардиола и стави точка на драмата

Се раѓа ново големо ривалство во Премиер лигата, откако најголемите битки ги водеше со Јирген Клоп, изгледа дека сега на мета на Пеп Гвардиола застана неговиот пријател – Микел Артета.

Сè започна на минатонеделното дерби. Сите видовме колку имаше тензии и за време на натпреварот и потоа, па дури и на конференциите за медиуми.

Пеп Гвардиола јавно одговори дека е подготвен на војна, а не му се допадна двосмислената порака на Артета дека „многу добро знае што се случувало во Сити“.

„Следниот пат треба да биде попрецизен и појасно да каже што сакал да посочи. Микел рече дека бил тука четири години и дека многу добро знае што сè се случувало, а тоа може да се однесува и на сите тие тужби против нас, можеби тој има некои информации за тоа. Го замолувам следниот пат, поради почитта меѓу нас, да биде попрецизен во своите одговори“, рече Пеп.

Но, одговори и Артета, по победата над Лестер, кој сакаше да ја спушти топката на земјата.

„Можам да повторам, да биде јасно за сите – го сакам Пеп, му се восхитувам од мојата десетта година. Многу го почитувам и сум благодарен за сè што направи за мене, го сметам за мој пријател. Ги сакам и ги почитувам сите вработени во Сити, бидејќи со нив работев четири години и кога реков дека ги познавам, мислев дека знам колку се трудат. Ако сакате, пак ќе повторам, ако некој сака да го наруши нашиот однос тоа не е во мои раце“, рече Артета.