Шкендија ја зачува позицијата на врвот на Првата македонска фудбалска лига по драматичната победа од 2-1 на гостувањето кај Брегалница во Штип, во натпревар од 12тото коло. Херој на тетовчани беше голманот Бабукар Гаје, кој во 94тата минута одбрани пенал.
Гостите поведоа уште во третата минута, кога Фахд Ндзенгуе, по асистенција на Красниќи, го постигна својот шести гол во сезоната. Брегалница не се откажа по раното водство на гостите, а Гаје во 25тата минута со одлична одбрана го спречи шутот на Мартин Стојанов. Израмнувањето дојде во 39тата минута, кога Кристијан Стојкоски, по продорот на Методи Максимов, прецизно шутираше од шеснаесет метри за 1-1.
Тренерот Артим Положани во 65тата минута ги внесе Бесарт Ибраими и Марко Ѓорѓиевски, а потегот се покажа како решавачки. Во 74тата минута Ибраими асистираше, а Ѓорѓиевски го постигна својот прв гол за Шкендија во првенството сезонава за 1-2.
Вистинската драма дојде во судиското продолжение. Во 94тата минута, по проверка на ВАР, беше досуден пенал за домаќините поради играње со рака на Манев. Гаје го одбрани ударот на Иван Николов и ги сочува трите бода за гостите.
Шкендија сега има 27 бода, четири повеќе од второпласираната Струга Трим Лум, а шест повеќе од Тиквеш и Вардар. Струга и Вардар го играат дербито од ова коло денеска.
Лусианињо донесе бод на Тиквеш
Шкендија Арачиново и Тиквеш одиграа 1-1 на многу тешкиот, каллив терен во Чаир. Домаќините поведоа уште во петтата минута преку Марко Симоновски, а голманот Столевски во повеќе наврати ги спречи гостите да израмнат.
Тиквеш го израмни резултатот во 76тата минута, кога Лусианињо ја смести топката во мрежата по грешка во одбраната на домаќините. Шкендија Арачиново е без победа пет натпревари по ред.
Работнички и Пелистер со победи во Втората лига
Во десеттото коло од Втората македонска лига, Работнички ја совлада досега непоразената Беласица со 3-1, со два гола на Богданоски и еден на Стефановски. Пелистер ја совлада Детонит Пљачковица со 6-1, Камјани беше подобар од Тетекс со 3-1, а Македонија Ѓорче Петров и Осогово одиграа 0-0.
















