Зошто проблемот со улични кучиња СÈ УШТЕ постои? | Уште еден поткаст ↓↓↓
Иранскиот репрезентативен голман Алиреза Бејранванд повторно го привлече вниманието на светската фудбалска јавност, овојпат со брилијантна изведба на Светското првенство 2026. Во натпреварот од групната фаза против фаворизираната Белгија, кој заврши без голови (0:0), тој беше клучна фигура на својот тим. Постигна дури седум извонредни одбрани, вклучувајќи и неколку реакции на самата гол-линија, со што му обезбеди на Иран вредно бод.
Особено се истакна неговата интервенција во 59. минута, кога спречи речиси сигурен гол – потег кој веќе се смета меѓу најдобрите одбрани на турнирот. Така, Бејранванд стана херој на Иран, репрезентација која поради проблемите со визите и лошите односи на нивната земја со САД веројатно е најкомплицираната приказна на Светското првенство.
Роден на 21 септември 1992 година во селото Сараб-е Јас во иранската покраина Лорестан, Бејранванд израснал во курдска номадска фамилија. Како најстар син, од детството ги чувал семејните стада и помагал во секојдневните работи. Слободното време го користел за фудбал, но и за традиционалната игра “дал паран”, каде што се фрла камен на што поголема далечина – вештина за која многумина веруваат дека е причина за неговата подоцнежна сила во рацете.
Фудбалската кариера ја започнал на 12 години, најпрво како напаѓач, но по повреда на голманот завршил меѓу стативите. Неговиот татко не ја поддржал таа одлука, сметајќи дека фудбалот е несигурен пат.
Судирот во семејството достигнал врв кога неговиот татко му ја уништил опремата и ракавиците. Потоа, Бејранванд одлучил да го напушти домот, зел на заем пари и заминал во Техеран за да се обиде да успее во фудбалот.
По пристигнувањето во главниот град се соочил со тешка реалност – без пари и сместување, често спиел на улица, вклучувајќи и пред вратите на фудбалските клубови. Во еден момент минувачи му оставиле ситниш мислејќи дека е бездомник, што му овозможило првиот конкретен оброк по подолг период.
За да преживее, работел разни работи: во фабрика за облека, автомивка, пицерија во замена за храна и сместување, па дури и како уличен чистач. Пресвртната точка се случила кога на натпревар од младите категории го забележал тренерот на Нафт Техеран.
Клубот најпрво му овозможил да преспива во просторијата за молитва, но ни тогаш патот не бил лесен. По период на неизвесност и една повреда, изгледало дека ќе се откаже, но враќањето во У-23 тимот на Нафт означило почеток на постабилен период и крај на животот на улица.
















