Бешикташ со 83-79 го совлада Реал Мадрид во Истанбул

Кошаркарите на Бешикташ во Евролигата
Фото: Zafer / Wikimedia Commons (CC BY-SA 4.0)

Бешикташ го совлада Реал Мадрид со 83-79 во 12тото коло од Евролигата, при првото гостување на шпанскиот тим во салата на истанбулскиот клуб. Тимот на Душан Алимпијевиќ стигна до шестата победа и сега има израмнет скор од 6-6, додека Реал го претрпе петтиот пораз и има учинок од 7-5.

Домаќините започнаа со многу агресивна одбрана и во седмата минута водеа со 16-2, благодарение на кошевите на Вилбекин и Габриел. Реал се врати во натпреварот и првата четвртина ја заврши со заостанување од само три поени, 18-15.

Во втората четвртина Бешикташ погоди седум тројки, а гостите имаа проблеми со скоковите во одбраната. Домаќините заминаа на полувреме со предност од 45-37, а по третата четвртина водеа со 64-54, објави Анадолу.

Реал ја намали разликата во последната четвртина, кога Смит Јуниор постигна десет поени речиси едноподруго, па четири минути пред крајот резултатот беше 71-67. Сепак, благодарение на важните кошеви на Џефрис и скоковите во нападот, Бешикташ ја зачува предноста до крајот.

Кај Реал најдобар беше Тео Маледон со 22 поени и индекс на корисност од 26, додека Смит Јуниор постигна 16 поени. Во извештајот на Реал Мадрид се наведува дека тимот не беше ефикасен во нападот и дека изгубените топки и скоковите во нападот на домаќините го спречија пресвртот.

„Ова ми е четврта година во Бешикташ. Сто отсто сум сигурен дека ова беше најзрелиот натпревар што сме го одиграле откако сум тука. Игравме многу зрело од првата секунда“, изјави Алимпијевиќ, пренесе Фанатик.

„Го задржавме Реал Мадрид на седум погодени тројки. Направивме многу добра работа. Добивме многу голема победа. Бевме сведоци на историјата“, додаде српскиот стратег.

Тренерот на Реал, Педро Мартинес, му честиташе на ривалот: „Бешикташ покажа многу добра енергија и одигра одлична одбрана. Имавме проблем да ја споделуваме топката и да најдеме ритам. Бешикташ играше подобро и заслужено победи.“ Реал веќе во петок гостува кај Олимпијакос.