Без доволно сили за нова радост: Јуниорите поразени од Унгарија


Пред дербито, падна најважниот потпис во Манчестер Сити! ↓↓↓


Младите надежи не успеаја втор ден по ред да ја израдуваат кошаркарската јавност откако врсниците од Унгарија им го нанесоа вториот пораз во рамки на Европското првенство дивизија Б за кошаркари до 18 години. Со две одлични четвртини, националниот состав на Унгарија го оствари и третиот триумф со 56-78 (16-12, 11-25, 15-24, 14-17) во низа и се стационира на првото место во групата А додека нашите кошаркари се наоѓаат ’под линијата’ за понатамошен пласман, на четвртото место.

Македонија поведе на стартот на натпреварот, но не успеа да го задржи водството. Унгарските кошаркари беа ’актерите’ на теренот кои го диктираа темпото на игри не дозволувајќи им на нашите репрезентативци да направат посериозна закана. Брзата игра си го зеде данокот, па Унгарците се мачеа да го пронајдат патот до противничкиот обрач. Осум минути без постигнат поен значеше одлична серија првин од 6-0, а потоа и од 9-0 за преземање на водството (24-23). Во моменти кога требаше да се зацврсти одбраната, се случи токму спротивното. Комуникацијата се сведе на минимум што Унгарците го искористија кон крајот на првото полувреме кога за неполни три минути постигнаа 11 поени. На полувремето, селекциите се разделија при резултат 27-37 во корист на Унгарија.

Третиот период беше реприза на вториот. Двете репрезентации имаа слична стратегија поставувајќи зонска одбрана, но исходот беше далеку од очекуваниот за македонските кошаркари. Шутерите беа расположени (три реализирани шутеви за три во трет период), но противничките кошаркари успеваа полесно да се пробијат во рекетот што резултираше со голем број на примени поени. До крајот, мечот беше сведен на рутина.

Најефикасен во нашата селекција беше Елвис Хот кој оствари дабл-дабл ефект од 16 поени и 11 скокови додека капитенот Нена Димитријевиќ имаше дабл-дабл учинок од 13 поени и десет асистенции. Куцсора од противничкиот табор запиша 20 поени зад своето име, Папаи и Фрониус по 11 поени.