Челси има „непобедливи“ – шампионската титула заврши на „Стемфорд Бриџ“


Учиме по најтешкиот пат: Со едукација за заштита и спасување до спречување на трагедии! ↓↓↓


Фудбалерките на Челси станаа први кои ја завршија сезоната од 22 кола во англиската Супер лига без пораз, откако вчера на свој терен во Лондон го победија Ливерпул со 1:0, во натпреварот од последното коло.

Единствениот гол на Стемфорд Бриџ го постигна Агнес Бивер-Џонс во првата минута на продолжението.

Челси неодамна ја освои шестата последователна титула, а оваа сезона ја заврши со 60 поени, со 19 победи и три нерешени натпревари. Второто место го освои Арсенал со 48 поени, а трета е Манчестер Јунајтед со 44 поени.

Во минатото неколку екипи ја завршиле сезоната во женската англиска лига без пораз, но ниту една откако лигата беше проширена на 12 клуба, односно на 22 кола, од сезоната 2019/2020.

Фудбалерките на Челси оваа сезона го освоија и Лига купот, а ќе имаат можност за трет трофеј на 18 мај, во финалето на ФА Купот против Манчестер Јунајтед.

Челси оваа сезона претрпе два пораза, во полуфиналните натпревари на Лига на шампиони против Барселона.

Арсенал пред 46.603 навивачи на стадионот Емирејц го победи Јунајтед со 4:3 и го обезбеди второто место на табелата.

Арсенал ќе игра во финалето на Лига на шампиони против Барселона, на 24 мај во Лисабон.

Фото: Принтскрин