Чурлинов нема да настапи за Македонија поради проблем со престојот во Полска

Дарко Чурлинов во дресот на Јагелонија

Македонскиот репрезентативец Дарко Чурлинов нема да може да настапи за А-тимот на натпреварите против Швајцарија, Словенија и Шкотска во претстојниот репрезентативен термин од новиот циклус на Лигата на нации, од 26 септември до 6 октомври. Причината не е повреда, туку административна постапка поврзана со неговиот престој и работен статус во Полска.

Според официјалното соопштение на Фудбалската федерација на Македонија , Погон Шчечин, клубот за кој Чурлинов настапува по летниот трансфер, доцна ја започнал постапката за обезбедување на потребните документи за работа и престој.

Чурлинов веќе подолго време престојува во Европската Унија без да ја напушти нејзината територија. Според правилата за краткорочен престој во Шенген-зоната, престојот без соодветна дозвола е ограничен на 90 дена во период од 180 дена. Доколку во овој момент ја напушти Унијата и дојде во Македонија, би можел да се соочи со тешкотии при повторниот влез во Полска, како и со проверка или санкции поради надминување на дозволениот период без важечки документи за работа и престој.

ФФМ била информирана непосредно пред официјалниот репрезентативен собир, иако поканата до клубот била испратена пред три седмици. Според информациите од Полска, за завршување на постапката се потребни најмалку две недели, па Чурлинов во моментов не може без ризик да ја напушти земјата и да се приклучи на репрезентацијата.

Федерацијата останува во контакт со сите вклучени страни. За случајот е информирана Амбасадата на Македонија во Полска, а со ситуацијата е запознаена и УЕФА. Селекторот Гоце Седлоски дополнително ќе одлучи дали ќе повика друг фудбалер на местото на Чурлинов.