Српскиот стратег Дејан Мијатовиќ е нов тренер на МЗТ Скопје Аеродром. Управата на клубот денеска го официјализира договорот со искусниот тренер, кој го презема кормилото на стручниот штаб на македонскиот шампион, пренесува Спортманија.
Заедно со 58-годишниот Мијатовиќ во Аеродром доаѓа и неговиот помошник Иван Дробњак, објави Слободен печат. Новиот тренерски тандем седнува на клупата на местото на Васко Атанасов, со кого клубот се раздели на 30 октомври.
Мијатовиќ е роден во Чачак. Последниот ангажман го имаше во Борац Чачак, каде што работеше од 2022 до 2024 година, а претходно ги водеше Ловќен, ОКК Белград и полскиот Баскет Познањ, наведува СпортСпорт.
Како член на стручните штабови работел во ФМП Железник, Хемофарм, Алба Берлин и Партизан. Значајни успеси има и со младинските селекции. Во 2006 година, како помошник, го освои европското злато со репрезентацијата на Србија и Црна Гора до 20 години, а една година подоцна, како селектор на јуниорската репрезентација на Србија, го освои златниот медал на Европското првенство во Шпанија.
Македонската кошаркарска јавност го памети од сезоната 2022/23, кога Борац во последното коло ја победи Будуќност во Подгорица и го задржа местото во АБА-лигата, додека МЗТ Скопје испадна од регионалното натпреварување, потсетува Спортманија.
Мијатовиќ го презема тимот во тежок период. По седум кола во ФИБА Европа купот, МЗТ сè уште е без победа и заедно со Батуми е единствениот тим во натпреварувањето што сè уште не се израдувал на триумф, пишува Слободен печат.
Според СпортСпорт, новиот тренер веќе утре треба да го одржи првиот тренинг со екипата, а неговото деби на клупата на МЗТ се очекува викендов, на домашниот натпревар против Штип.
Атанасов го презеде МЗТ во 2023 година и со клубот освои три шампионски титули, двапати го освои Купот на Македонија и двапати Суперкупот, според клубот. По неговото заминување, тимот го водеше досегашниот помошник Дејан Србиновски.
















