Пари Сен Жермен ја забележа 12тата победа по ред во сите натпреварувања, откако во саботата славеше со 3-2 на гостувањето кај Ница, но радоста ја расипа тешката повреда на коленото на Дезире Дуе, пренесува Асошиејтед прес.
Францускиот репрезентативец се струполи на тревата само неколку минути откако постигна гол. Во 39тата минута, при обидот да ја прифати топката, десната нога му се изви без никаков контакт со противнички играч, а 21-годишниот напаѓач во солзи беше изнесен од теренот на носилка. На негово место влезе Феран Торес.
„Мораме да почекаме до утре за да ја знаеме точната природа на повредата. Но, тоа е сериозна повреда, ги видовме снимките“, изјави тренерот Луис Енрике по натпреварот.
Според весникот „Екип“, на кој се повикува Футбол.фр, првичните прегледи укажуваат на повреда на предните вкрстени лигаменти на десното колено, поради што во клубот стравуваат дека ќе отсуствува најмалку шест месеци. ПСЖ ќе ја објави официјалната дијагноза по магнетната резонанца, закажана за денеска.
Ница поведе уште во осмата минута, кога Мохамед Амура, по одземената топка високо на теренот, прецизно погоди во далечниот агол. Сени Мајулу израмни од пенал во 31вата минута, досуден поради играње со рака по проверката на ВАР, а само една минута подоцна Дуе, по центаршутот на Ашраф Хакими, ги доведе гостите во водство, пишува Си-Ен-Ај.
Резервистот Усман Дембеле во 85тата минута му асистираше на Торес за 3-1, а бекот на Ница, Али Абди, во судиското надополнување го постави конечниот резултат.
Повредата на Дуе е нов удар за европскиот шампион, кој веќе е без Квича Кварацхелија поради сериозна повреда на коленото. Со победата ПСЖ стигна до 26 бода од 11 натпревари и има пет бода предност пред второпласираниот Лил, кој на домашен терен загуби со 0-1 од Лион.
















