Макс Верстапен ќе стартува од пол-позицијата на Големата награда на Лас Вегас, иако најбрзото време во квалификациите го постигна Кими Антонели. Новиот светски шампион од Мерцедес има казна од пет места поради замена на делови од погонската единица и трката ќе ја започне од шестото место, објави Формула 1.
Антонели во последниот обид го извозе кругот за 1:33.893 минути и беше 0,258 секунди побрз од Верстапен. Според Би-би-си, Италијанецот последен го започна брзиот круг, минувајќи ја стартно-целната линија само секунда пред да биде истакнато карираното знаме. Тој беше само секунда зад Арвид Линдблад, што му овозможи значителна предност од воздушната заветрина на долгите правци во Лас Вегас.
„Кога го почнав кругот, бев само една секунда зад болидот пред мене и мислев дека е готово. Но, слипстримот овде е многу силен“, рече Антонели.
Покрај Верстапен, во првиот стартен ред ќе биде Џорџ Расел од Мерцедес, кој заостана само 0,073 секунди зад Холанѓанецот. Во вториот ред се Ландо Норис од Мекларен и Исак Хаџар од Ред бул, а Линдблад од Рејсинг булс е последниот возач што напредува на стартната решетка поради казната на Антонели. Оскар Пјастри беше седми во квалификациите, но има казна од десет места.
Ферари имаше тежок ден, бидејќи и Шарл Леклер и Луис Хамилтон испаднаа во вториот дел од квалификациите и беа 11ти и 12ти. Двајцата ќе напредуваат по едно место на стартната решетка поради казната на Пјастри. Меѓу првите десет беа уште Лијам Лосон, Пјер Гасли и Франко Колапинто.
„Се мачев со некои чудни проблеми што ги имавме и во Бразил и се обидував да сфатам како да се справам со нив. Во квалификациите успеавме тоа да го решиме. Првиот круг беше речиси најдобар што можеше да биде со слипстримот, па стартот од првата редица е добар за нас“, изјави Верстапен, кој победи на две од трите досегашни трки во Лас Вегас.
„Сакав да бидам на пол-позиција, но веројатно сум позадоволен од перформансите отколку во Мексико, кога исто така бев во првата редица“, рече Расел.
Трката во Лас Вегас ќе се вози в недела во 05:00 часот по нашето време. Антонели оваа сезона победи на двете претходни трки во САД, во Мајами и во Остин.
















